Кога станува збор за боите во вашата кујна, не е лесно да се направи баланс помеѓу тоновите кои се безвременски и најновите трендови. Ако купите некој кујнски апарат во боја на киви на пример, тоа може да делува претенциозно или кич, но од друга страна, кујна во бела боја можеби е класична, ама е и досадна. Па како да се направи вистинскиот избор?

Неколку институти и агенции вклучувајќи ги Институтот за квалитет на боја, Институтот за боја “Pantone” и други, ја објавија палетата со најтрендовските бои за 2012 година. Со тоа малку ни се олесни работата, бидејќи не мораме повеќе да бираме меѓу стотици нијанси, но тоа не значи дека сите проблеми ни се решени.

Останува прашањето како да се инкорпорираат овие бои во кујната без да мораме да потрошиме вистинско богатство, а и драгоцено време за да бидеме во тренд и оваа година. Решението може да биде едноставно, и не мора да чини премногу. Потребно е само малку креативност, желба, и….. по некоја илјадарка.

Изберете некоја од живите трендовски нијанси за 2012 година и впуштете се во потрага по детали. Можете да го внесете духот на овие бои во вашата кујна со избор на нова подна простирка, нови завеси, кујнски апарат во боја, нов сад за овошје или нов сервис за кафе. Можете дури и малку да си ги извлакате рацете, па да повлeчете неколку интересни линии на ѕидовите или на вратичките од вашите кујнски елементи. На крајот, не ги заборавајте крпите за бришење раце и садови и чаршафите за маса. Сето ова може да се најде по релативно пристојна цена во градов, а да не спомнуваме колку забава може еден ваков проект да му пружи на целото семејство. Уживајте во шопингот, уживајте во креирањето на нов лик на вашата кујна и уживајте во боите.