Иако во моментов ја нема на малите екрани, Ели Пешева со својата харизма и ненаметлив шарм останува запаметена како едно од најинтересните ТВ лица. Јавноста ја памети по нејзиниот одличен проект Зебра, кој интимно се надеваме дека повторно ќе имаме прилика да го гледаме. Во исчекување на нејзиниот медиумски рестарт, поразговараме со неа за некои поинакви теми, поразлични од оние новинарските, во случајов за работи кои ги интересираат читателите на Mигусто.

За себе вели дека е нетипичен гурман, чии навики зависат од период во годината и точката на картата на светот на која се наоѓа. Доколку сум надвор од Македонија, храната е своевиден ритуал. Сакам да ги откривам локалните рецепти во новите места низ светот, сакам преку храната да влегувам во менталитетот на нивните жители. И потоа да се обидам да ги приготвувам. Да речеме дека во зима, сум порасположена за експериментирање, во лето пак, егзотични и колоритни овошја и коктели од нив, ја завршуваат работата. Кога сум дома пак, да речеме дека не посветувам посебно време и внимание кон храната. Знам дека не е за фалење, но прелетувам низ оброците додека работам, додека трчам од една точка до друга, на нозе, врз компјутер, во автомобил.

Лазањите и шпанските полнети компири се специјалитетите со кои Ели ни се пофали дека знае најдобро да ги приготви. Важи за голем експерт кога станува збор за десертите, особено за спремање мафини и брауни во секакви варијации. Подготвува и одлична американска пита, панакота, чоколаден и овошни мус, вафли и американски палачинки.

Нејзин најголем гастрономски порок и се десертите кон кои негува посебен љубовен однос. Десертот ми го крева притисокот, ми го шекнува адреналинот кога го подготвувам, ме први среќна кога го конзумирам и ме смирува кога домашните и пријателите ќе ми признаат дека сум била во право кога сум им го препорачувала. Тоа значи, дека црното чоколадо, како главна состојка во најголемиот број десерти, е мојата слабост.

Вели дека не е фанатик по броење калории, но се труди вагата да не и биде домашен непријател број еден. Нашата релација и бездруго е климаво – комплицирана, особено по раѓањето на мојата втора ќерка, но работам напорно на изгладување на односите. Благодарение на советите на мојата добра пријателка, нутриционистката Тања Турунџиева, успеав да го дефинирам мојот идеален режим на исхрана. Денот го почнувам со непечени бадеми, мед и свежо овошје за појадок или житарки со ниско калорично млеко. За ручек никогаш не се стегам, одбирам се што ми се јаде, но не мешам протеини, јагленохидрати и скроб, туку комбинирам само со сезонска салата. Не вечерам, всушност не јадам ништо после 18 часот во зима, односно 19 во лето. На вода сум се до следното утро. И функционира

Ели ПешеваПокрај тоа што Ели внимава што и кога јаде, се обидува навиките за здрава исхрана да им ги пренесе и на своите две ќерки. Секојдневно за на училиште им пакува овошје, додека за ручек се обидува на менито во текот на целата недела да имаат традиционални македонски јадења како грашок, боранија, леќа, спанаќ, ориз, сармички, месо и риба.  Во викендите се честиме со паста, пица, или Мек Доналдс оброк. Пријателките често ме прашуваат, како ни успева да ги убедиме децата да го јадат сето тоа што најчесто самите никогаш не би го одбрале. Тајната е во наградата после ручекот. Едно брцнување на лажичето во теглата со Нутела, им вреди колку празнењето на чинијата со ручекот.

Нејзини омилени национални кујни се мексиканската и шпанската. Ги сака впечатливите вкусови, препознатливите мириси на додатоците и колоритната декорација. За Ели идеален пијалок е швепсот, но како што вели во последно време речиси и да немаат контакти, поради неговиот ефект врз килограмите.Така што, ќе се задржам на изборот на обична, негазирана вода. Алкохол не пијам воопшто, но турското кафе ми е слабост.

Најоткачено нешто што досега го пробала е супа од ајкула. ”На трпезата на која јас и неколку мои колеги бевме ВИП гости во Тајпеј, имаше и очи од мајмун, но за волја на вистината не ги пробав. Имавме неколку поврзани традиционални оброци, со јадења на кои не успеавме никако до крај да им ги чуеме и разбереме состојките. Само дискретно ја вртевме масата. После неколку денови бевме мртви гладни, ги дојадувавме переците останати од долгиот пат. Кога случајно зад нашиот хотел откривме ресторан на Мек Доналдс, бевме среќни како да ја откривме Америка. Се искрадувавме доцна во ноќта, за да јадеме и при тоа да не ги навредиме нашите домаќини. Никогаш не сум била особено голем обожавател на кинеските јадења.”

Омилен ресторан: Пелистер, поранешен Дал Мет Фу. Го сакам со години. Лесно може човек да му се прилагоди и за појадок и за ручек. Неоптеретен е од времето и трендовите. Го сакам и арапскиот ресторан Аладин, невообичаен, свој и автентичен. Без дилема, високо на листата ми котира О ла ла, патисерија/ колачара. Колачињата имаат идентитет, местото е бајковито, а миризбата на топеното чоколадо и тазе печени колачи е незаменливо.

Дневно мени…
Доручек….Канцелариска, Њу Момент Овошна салата, Киш во О ла ла или омлет во Гурмет.

Ручек....Риба во Мулино/Воденица или пица во Пелистер

Вечера ….Имам и јас понекогаш грижа на совест, затоа ми е најдобро да ја прескокнувам