Откако го снема од малите екрани, својата енергија и креативност реши да ја насочи кон популаризирање на stand up комедијата. Во меѓувреме активно работи на својот видео блог и ужива на ручек во Чамо со традиционално гравче и везена пиперка. Во исчекување повторно да се појави на ТВ, поразговаравме со Жарко за неговите гастрономски навики и афинитети.

Важи за голем гурман, кој сака да пробува нови работи и затоа не пребира премногу. Храната за него преставува посебен ритуал, па затоа знае на маса да остане и по неколку часа. Вели дека не може без чаша – до две, три, вино или ракија со ручек и добро расположено друштво. Омилена национална кујна му е италијанската. Се пофали дека најдобро знае да зготви тестенини, за кои ни вети дека ќе имаме прилика да ги пробаме. За вегетаријанците вели дека се сосема океј, но во свој манир на шега ќе рече- ако ги сакаат толку многу животните, што им ја јадат храната! Супер си се вегетаријанците. Има пар вегетаријански јадења што би ги јадел секој ден. Со мерак!

Вели дека знае да направи опасен бучкуруш со храна и тоа да изгледа прилично чудно и откачено. Но како што тврди сепак вкусен. “Иако некогаш кога ми е ќеиф, онака баш да импресионирам некого, знам да посветам многу внимание на изгледот. Да шарам со некои сосеви, зачини и такви ми ти работи…”

Ако со него решите да пиете пијачка, тешко ќе му го погодите вкусот, затоа што изборот му зависи од сезоната. “Летово мислам дека ќе барам многу сонце и ќе пијам ладни шприцери. Пијачка на лето 2012. Official.

Мени

Доручек…. Омлет. Со повеќе кашкавал. Еспресо и кисела вода. Тефтерот со обврските кои ако се премногу – и него ќе го јадам!!!

Ручек…. Со друштвото во Чамо. Гравче, пиперки, макало…  Почнуваме со ракија и салата (цвекло, морков, зелка). Алтернатива на ова, пастрмка во семејна атмосфера.

Вечера … Со поубавата половина дома. Равиоли со некој фин сос. Ама онака средени на изглед (види погоре, она со импресионирањето  )… Убаво вино и Sho’ you right od mr. Barry White.