Нејзиниот однос кон храната се менувал во текот на годините. Порано голем гурман кој уживал во најразлични специјалитети и обилни оброци, а последниот период на храната гледа како на неопходен човеков енергенс. “Сфатив дека е вистина кога велат дека ние сме тоа што го јадеме… Многу внимавам на здравата исхрана, пред се поради здравјето, а потоа и поради линијата. Во јуни оваа година полнам 38-години, па ако некогаш можев да јадам се што ќе посакам и да имам вита става,сега веќе морам да внимавам колку и што конзумирам….Ова сепак не значи дека изгладнувам и дека сум постојано на диети, туку значи селекција на храната што секојдневно ја јадам.”

Вели дека никогаш особено не сакала месо, освен јадења кои се прават со месо како мусака или пиперки. Не јаде леб и ги избегнува благите работи. Секојдневно јаде многу овошје, салати, јадења подготвени со зеленчук. Не пие газирани сокови, конзумира многу вода, свежо цедени сокови. Понекогаш со убав оброк, сака да се напие чаша црвено или бело вино.

“Во мојот фрижидер мора секогаш да има портокали,лимони, сезонско овошје и зеленчук,маслинки, туна…Секогаш дома имам бадеми,лешници и друго јаткасто овошје зошто се многу здрави,имаат малку калории, а долго време држат ситост. Освен тоа многу се практични што можете да ги јадете кога сакате и каде сакате,во автомобил,на работа,секаде…” Најголем гастрономски порок и се домашните пити во сите можни варијанти. “На домашна пита никогаш не сум можела и никогаш нема да можам да одолем…”

Брза храна како што самата вели би јадела само ако е на пуст остров каде нема ништо друго за јадење! “Домашната храна е највкусна и најздрава. Единствен компромис што го правам по ова прашање е одењето на пица со мојата керќа во Пиколо Италија каде што прават оргинал италијанска пица. Порано многу сакав да јадам бурек, но веќе две години немам немам каснато! Се случува понекогаш да отидам и на гиро, но навистина многу ретко”.

Покрај македонската национална кујна која и е омилена, на второ место е италијанската, затоа што многу сака тестенини во комбинација со свежи салати. Сака да јаде и морска храна, риби, школки, октопод, сите плодови на морето без исклучок!

“Бидејќи најмногу сакам да јадам пити, тоа најдобро знам и да го подготвам. Мајстор сум за пити со тегнети кори кои сама ги правам, а филот може да се прави од се и сешто,по желба, но јас најмногу ја сакам питата со фил од праз и сирење. Кога моето семејство се собира кај мене на фамилијарна вечера на масата секогаш мора да има домашна пита и многу салати-сезонски свежи салати,салата со ситни макарони павлака и краставички која сите ја сакаме,салата од урда и сусам,а месо послужувам единствено по желба на гостите. Се разбира трпезата не е комплетна без квалитетно македонско или италијанско вино. Сакам кога ја сервирам трпезата се да биде убаво наместено,па многу внимавам на изборот на чаршав,есцајг,сервисот за сервирање, чашите, салфетките…Храната треба да е празник и за очите и за стомакот!”

Пред три години ја посетила Кина, каде ги пробала најнеобичните работи во животот. “Нивната кујна е многу специфична,ги мешаат слатките,солените и киселите вкусови во едно исто јадење,но бидејќи по природа сум љубоптна сакав да пробам буквало од се што ми се понуди освен од кучешкото месо кое исто така таму често го консумираат.На пазар дури видов како виси одрано куче исто како што кај нас во месарниците се продаваат јагнињата.Кога зачудено ги прашав дали ова навистина го јадат тие уште позачудено ме прашаа зарем ние не ги јадеме кучињата!”

Омилено мени

Појадок: 2 до 3 чаши смуди т.е. банана,киви и блитва (или некој друг лиснат зеленчук) измиксано во блендер
Ужина: овошје или микс од јаткасти плодови
Ручек: Свежа салата, риба (најмногу сакам морска но може и слатководна) и бело вино
Вечера: тестени со некој лесен сос и свежа салата