Мајоранот (Majorana Hortensis Moench), е зачин кој потекнува од Мала Азија, но е познат и често употребуван особено во националните кујни од Медитеранот, Централна и Источна Европа. Се одгледува скоро во сите региони, но најдобро успева во услови на сува и топла клима. Има карактеристичен, доста силен мирис, а по вкус е малку остар и горчлив.

Се употребува свеж и исушен, иако губи добар дел од својата арома кога е сув. Позната е неговата примена во производството на колбаси, а е одличен додаток за скоро сите видови на јадења од месо, вклучувајќи свинско, телешко или јунешко и јагнешко, а особено се препорачува за јадења од џигер и морска риба. Во јадењата се додава пред самиот крај, исто како и останатите зачини, за да не ја изгуби аромата во процесот на готвење.

Може да се додава во супи и чорби, а совршено се вклопува и со “тешките“ зеленчуци како зелка, грав, грашок и сл. Компирите печени со мајоран претставуваат посебен деликатес, а може да се користи и како додаток во леб и пецива. Свежиот мајоран многу често се наоѓа во свежите салати, особено во земјите на Централна Европа и Медитеранот.

Најдобро се комбинира со магдонос, босилек, мајчина душичка, ловоров лист и црн пипер. Вообичаената доза е ½ кафена лажичка за 4 порции.