Можеби еден од најинтересните аспекти во истражувањето на националната кујна на една држава е процесот на запознавање со историјата, обичаите и традициите кои се составен дел од културата на готвење и јадење. Во Мексико постојат бројни фестивали, ритуали и собирања кои се неизбежно придружени со различни видови на подготвена храна и пијалоци. Сепак, секојдневните оброци се оние околу кои се врти секојдневниот живот. Овие оброци, особено главниот оброк или ручекот, се третираат како специјални, а луѓето им пристапуваат со уживање и почит за времето кое е потрошено во нивното подготвување. Овој специјален однос кон храната е присутен во Мексико уште од времето пред Шпанските освојувачи.

Мексиканската храна е позната по различните вкусови, шареноликост, декоративност и голем број на зачини и состојки кои се употребуваат во нејзиното приготвување. Нејзиното богатство и традиционална важност беа признаени дури и од Унеско, со додавањето на мексиканската кујна  во листата на “немерливи културни наследства“ во 2010.

Основни состојки

Основните состојки во скоро сите мексикански рецепти вообичаено се пченката и гравот. Пченката се користи за правење на “маса“, или тесто од кое потоа се изработуваат тамали, тортиљи, гордити и многу други јадења, а веднаш по пченката доаѓа оризот. Тиквичките и лутите пиперчиња – чили се исто така неизоставни при подготвувањето на храната.

Најчесто употребуваните зачини во Мексиканската кујна се оригано, коријандер, цимет, и епазоте (Dysphania ambrosioides), а многу често се користи и димено јалапено чили. Голем број на мексикански јадења исто така вклучуваат и кромид и лук, што е донекаде слично на нашата Македонска кујна.

Алкохолните пијалоци во Мексико вклучуваат многу локални варијанти на мескал, пулка и текила. Пулката (pulque) се добива од сок од агава, исто како и текилата, но за разлика од текилата која се ферментира и дестилира за да се добие посилен алкохол, пулката претставува еден вид на пиво, со релативно мал процент на алкохол и карактеристичен горчлив вкус. Поради краткиот рок на траење, овој пијалок скоро и не може да се набави на ниедно друго место освен во Мексико.

 Доручек, ручек и вечера

Desayuno- доручек. Најголемиот број на  Мексиканци се ранобудници и уште во 8 часот уживаат во лесен доручек кој вообичаено се состои од овошје, пан дулче или сладок леб и атоле, што претставува густ топол пијалок или пак кафе. Многу често доручекот се дополнува со полнето тамали од уличните тезги, кои покрај различните сосови за полнење вообичаено нудат и атоле или лече де ароз, пијалок направен од ориз и млеко.

Almuerzoужина. Иако не сите се во можност да направат пауза за ужина помеѓу лесниот доручек и главното дневно јадење, односно ручекот, сепак многу Мексиканци си дозволуваат кратко уживање во кајгана измешана со кромид, домати и чили пиперчиња, или пак во кратко пржени ленти од тортиљи кои се јадат со црвена или зелена салса, со додаток на ситно исецкано пилешко, кашкавал и кромид.

Comida – ручек.   Најголемиот број на Мексиканци го јадат главниот дневен оброк во своите домови. Работното време го  дозволува ова, бидејќи обично сите прават пауза во периодот од 2 до 4 попладне. Ручекот  се состои од неколку јадења и традиционално започнува со sopa aguada, односно супа или кремаста чорба. Потоа следува sopa seca, што вообичаено е јадење од ориз или некаков вид на тестенини. Ова е интересно, бидејќи во најголемиот број на национални кујни, оризот се служи како додаток на друго јадење, додека во Мексико тој традиционално претставува посебно јадење.
По оризот или тестенините следува главниот оброк кој може да биде пилешко во сос, ќофтиња во сос, маринирано свинско месо или било кој од бројните регионални специјалитети. Зеленчукот претставува составен дел од главното јадење и се приготвува заедно со месото. По главното јадење следува гравчето, за оние кои сеуште имаат место, а многу од нив и имаат, и на крајот се служи десерт кој вообичаено е некаква варијанта на желе или овошје во сируп. Тортите и колачите многу почесто се јадат како ужина отколку како десерт после ручекот.

Merienda време за чај или коктел. Ова е шпански обичај кој Мексиканците го практикувваат во периодот помеѓу 5 и 8 часот попладне. Малите кафулиња во овј период се полнат со луѓе кои се собираат за да се дужат и да се напијат чај, кафе или коктел, што е обично придужено со парче торта или колач, а многу често се нарачуваат и кикирики печени со чили и лук.

Cena –  вечера. Последниот оброк во денот може да биде било што, од остатоци преостанати од ручекот до вистинска вечера во ресторан или кафуле. Многу често вечерниот оброк се купува готов од уличните тезги, исто како и доручекот, меѓутоа типот на храна значително се разликува. Додека полнетите тамали се карактеристилни за доручекот, за вечера доминира тако. Ова е јадење од тортиља која се полни со различни видови на месо земени директно од скарата. Месото е придружено со сецкан кромид, коријандер, гвакамоле и салса.