Во согласност со својата компаниска определба за општествено одговорно делување во сите сегменти од своето работење, за време на годинешниот јубилеен Пиво фест кој се одржува од 12 до 15 јули во Прилеп, Пивара Скопје АД креираше, и за првпат во земјава спроведува уникатна комуникациска платформа во која се интегрирани пораките: “Не вози, доколку пиеш” и “Консумирај одговорно”, како и Совети за безбедно возење.

Целта на комуникациската платформа е да се испрати порака до посетителите на годинешниот Пиво фест да ги почитуваат правилата за безбедно возење и одговорна консумација. За таа цел Пивара Скопје АД изготви соодветна брошура, која пред почетокот и во текот на сите фестивалски денови им се дели на посетителите од страна на специјални СКОПСКО тимови лоцирани на влезовите и излезите за Прилеп, како и на главната улица каде се поставени штандовите за Прилеп Пиво фест.

„Пивото е одличен пијалак за уживање и добра забава, но само доколку се консумира одговорно. Затоа СКОПСКО ве повикува – внимавајте на својата и безбедноста на другите со тоа што нема да возите доколку пиете“, изјави бренд менаџерот за СКОПСКО, Јулија Велевска – Блажевска.

Пивара Скопје АД и оваа година, десетта по ред, учествува на фестивалот на пивото во Прилеп. Оваа година, ударно место на штандот на Пивара Скопје АД ќе биде отстапено на  СКОПСКО – Вкусот на Македонија, а за посетителите ќе бидат достапни и останатите видови пива и безалкохолни пијалаци од портфолиото на компанијата.

Според организаторот на јубилејниот 10-ти Пиво фест – Општина Прилеп, во четирите фестивалски денови на пивото во градот под „Марковите кули“, посетителите ќе имаат можност да уживаат во богата понуда на квалитетно пиво и вкусна храна, а за музичкиот дел ќе се погрижат голем број познати музички имиња од музичката сцена во земјава и регионот, чиј репертоар е прилагоден кон вкусовите на сите генерации посетители.