Релаксирањето во топла вода е совршен начин за бег од секојдневните стресови и нервози, како и начин за акумулирање на нова и позитивна енергија. За да биде што поефективно, најдобро е да му се препуштите на ваквото задоволство во вечерните часови, пред да си легнете. Наполнете ја кадата со вода чија температура е меѓу 36 и 38 степени, но не останувајте во вода повеќе од 15 до 20 минути.

За да ја подготвите кожата за благотворниот третман, треба претходно да ја исчистите и тоа со некое средство за пилинг кое ќе ги отстрани нечистотиите и мртвите клетки. Мешавината за пилинг подгответе ја на тој начин што во некоја обична крема ќе додадете неколку супени лажици обичен шеќер, или пак во една шолјичка со шеќер додадете малку маслиново масло. Измасирајте се убаво, со нежни кружни движења, исплакнете се со млака вода, и дури потоа подгответе ја купката.

Вашиот релаксирачки третман ќе биде многу ефикасен ако во кадата наполнета со вода додадете една шолјичка растопен мед и 1,5 литри млеко. Доколку имате посебно сува кожа и кожа склона на иритации, измешајте еден литар врело млеко со три супени лажици растопен мед. За двојно уживање, уште подобра нега на кожата и релаксација со ароматичен мирис, измешајте два литра млеко со исцеден сок од шест поголеми лимони, а ако имате можете да додадете и десетина капки етерично масло од лимони и сето тоа додадете го во водата. Опуштете се и уживајте!