“Brainfood” е новиот израз со кој се означуваат супстанциите кои му се потребни на мозокот, бидејќи истражувањата покажале дека е потребна правилна исхрана за одржување на менталното здравје. Дел од супстанциите кои имаат особено благотворно дејство се:

Витамин Ц – ја подобрува работата на сивите ќелии (затоа Херкул Поаро практично го голташе), а го има во цитрусните плодови како лимони, портокали, мандарини, потоа во јаболките, јагодите, зелката, но и во други природни производи.

Бананите содржат Б витамини, магнезиум и калиум, па делуваат смирувачки што овозможува промислено донесување на одлуки (замислете му кажувате на шефот – само момент, да ја лапнам бананава па ќе ви кажам што сум одлучил!!!)

За брзо и концентрирано учење се препорачува брокулата која е богата со глукозинолати, каротиноиди со железо и калциум (значи пред да седнете да учите, обавезно исркајте една чинија чорба или пире од брокула, а најдобро би било да си ја грицкате свежа додека учите…место чипс, на пример).

Исто така, мозокот бара постојано снабдување со лецитин, преку кој практично се добива колинот, од кој пак мозокот сам произведува ацетилколин, кој е најважниот неуротрансмитер (ако не ви е јасна реченицава, се извинувам, ама денес не јадев ниту јајца, ниту нешто млечно, па работите едноставно не ми се трансмитираат јасно во мозоков!). Инаку, лецитинот го има во јајцата, млечните производи и производите од соја.

За долготрајно памтење исклучително се добри лешниците, и тоа поради корисните масти и микроелементи кои ги содржат (хммм, се прашувам дали слоновите јадат лешници??).

И конечно, јадете морски риби како лосос, скуша, туна или харинга бидејќи тие ја поттикнуваат концентрацијата (за што зборував до сега, всушност???).