Изборот на храна која ја конзумираме честопати зависи од моменталната емоционална состојба, но важи и обратното – храната делува на нашето расположение, што е една од причините зошто експертите сметаат дека врската помеѓу храната и депресијата е потценета.

Постојат многу елементи на храната кои се поврзуваат со депресија, бидејќи таа може да биде последица на клинички недостаток на некои витамини, на пример, особено на витамините од групата Б.

Невроните во човечкиот организам комуницираат меѓусебно по пат на невротрансмитери кои ги регулираат повеќето лекови за депресија. Експертите наведуваат дека серотонинот, или хормонот за среќа, односно добро расположение, е невротрасмитер чие ниво може да се зголеми со обилно внесување на јаглени хидрати. Исто така, постојат бројни истражувања кои укажуваат на корисното дејство од внесувањето на омега-3 незаситени масни киселини. Кинеската медицина, меѓу останатото, го наведува лукчето како добар лек за депресија, додека старите Египќани верувале дека солта ја стимулира страста, дека лукчето успива, и дека зелката лечи од мамурлак.

Она што експертите им го препорачуваат на лицата кои страдаат од депресија или на лицата со ниска толеранција на стрес е медитеранската храна која опфаќа изобилство на свежо овошје и зеленчук, јаткасти плодови како бадеми и ореви, маслиново масло, риба и мали количини на црвено месо. Лекарите наведуваат дека сепак е погрешно да се претпостави дека само еден прехранбен продукт може да го реши проблемот на депресијата, иако често можете да налетате на информација дека чоколадото го прави токму тоа. Експертите велат дека тоа не е точно, бидејќи иако чоколадото и бананата, на пример, можат да делуваат на расположението преку различни механизми, сепак треба секој прехранбен продукт да се гледа во контекст на целокупната исхрана. Освен начинот на исхрана, она што е особено препорачливо за сите кои страдаат од депресија е зголемената физичка активност, бидејќи тогаш се лачи поголема количина на ендорфин кој го поттикнува доброто расположение.