Кога ова би бил совршен свет, сите ние би имале совршена работа која би ни овозможила да стигнеме дома на време и да подготвиме вкусен и здрав оброк за себе и за своето семејство. Реалноста, за жал, е далеку од тоа, па честопати сме принудени да се потпреме на готова или брза храна, а тоа, како што веќе знаете, си има свои последици. Сепак, постојат некои прехрамбени производи кои можат делумно да ја неутрализираат штетата која на организмот му ја нанесува брзата храна. Во продолжение ви даваме неколку вакви комбинации.

Било каков високо-калоричен оброк и шолја грозје.

По уживањето во силен (обилен) и високо-калоричен оброк, најбрзо ќе му олесните на вашиот организам ако изедете една шолја грозје кое е многу богато со антиоксиданти и брзо ќе го неутрализира тешкиот оброк.

Хот дог и кисела зелка.

Виршла со непознато или сомнително потекло спакувана во кифла од бело брашно и дополнета со кечап, мајонез и сенф. Она што не го гледаме во ваквиот оброк се купче конзерванси, вештачки бои и подобрувачи на вкусот, адитиви кои го зголемуваат ризикот од срцеви заболувања. Ако баш сте решиле да јадете хот дог, додадете кисела зелка. Таа е полна со витамин Ц, железо, магнезиум и бакар, се она што ви треба за барем малку да му ја олесните работата на вашиот организам.

Солен оброк и темно чоколадо.

Ова можеби ќе ви звучи неверојатно, но познато е прекумерната количина на сол е многу штетна за организмот, а една од манифестациите при конзумирање на многу сол е повишениот крвен притисок. За да се справите со ова, после секој солен оброк изедете барем една коцка темно чоколадо (со повеќе од 60% какао). Меѓу другите работи, чоколадото ќе ви помогне брзо да го снижите притисокот.

Пица и свеж рузмарин.

Совршено испечената пица со нашите омилени состојки е нешто на кое скоро никој од нас не може да му одолее. Меѓутоа, пицата содржи голем број на штетни материи кои и тоа како делуваат на организмот. За да ги неутрализирате овие материи, посипете ја пицата со исечкан свеж рузмарин, кој го намалува штетното дејство на пицата дури до 60%.

Црвено месо и црвено вино.

Веќе пишувавме за придобивките од умереното конзумирање на црвено вино. Еве уште една предност на виното која ја изоставивме. Чаша црвено вино во комбинација со шницла од црвено месо го намалува абсорбирањето на отрови од месото. Но внимавајте, треба да се задржите на една, или најмногу две чаши!

Хамбургер, помфрит и цреши.

Конзумирањето на брза храна може да направи хаос во организмот. Ако еден од вашите омилени оброци е хамбургер со помфрит, тогаш во вашиот организам заедно со оброкот влегуваат еден куп слободни радикали. За да намалите штетата, изедете околу 200 гр цреши, друго ситно овошје или киви. Овошјето е богато со антиоксиданти, а тие ги “фаќаат“ слободните радикали и имаат важна улога во борбата против нивното штетно дејство.