Се чини дека во последно време науката е посветена на потврдување на она што луѓето го знаат со векови наназад, а тоа е дека црвеното вино и здравјето на човекот одат заедно. Црвеното вино особено се истакнува како одбранбен штит против некои од најчестите болести во денешно време. Еве неколку вредности на црвеното вино кои можеби сте ги знаеле, а можеби и не.

Малку црвено вино е секогаш добро за вашето здравје

Теоретските придобивки од црвеното вино се базираат на молекуларната биологија. Човечкиот организам изобилува со слободни радикали, односно молекули кои добиле или изгубиле електрон во различни процеси како што е дишењето, на пример. Ова добивање или губење на електрони ги прави радикалите чувствителни од хемиска гледна точка. За да си повратат рамнотежата, тие мораат да го избуткаат надвор електронот што е вишок или да си набават нов на местото на оној што фали. Клетките кои стануваат жртва на радикалите во овој процес на ребалансирање се оштетени и стануваат поподложни на изумирање или различни мутации кои можат да предизвикаат болести. Антиоксидантите и витамините се оние кои ги абсорбираат слободните радикали во организмот, и како такви, ги штитат клетките од различните штетни влијанија предизвикани од слободните радикали.

Најважните антиксиданти кои ги има во црвеното вино се ресвератолот и група на хемикалии наречени флавоноиди. Покрај нивната моќ да ги абсорбираат слободните радикали, се смета дека тие го штитат и срцето со тоа што го намалуваат ризикот од згрутчување на крв и од запаление на клетките. Освен тоа, флавоноидите имаат влијание и во борбата против ракот, бидејќи предизвикуваат природна смрт на заболените клетки. Ресвератолот пак има и улога во активирање на протеинот кој го продолжува животот на клетките (или така барем велат истражувањата).

Поради сето ова, експертите препорачуваат конзумирање на една до две чаши (од 150 мл) црвено вино дневно.

Многу црвено вино дефинитивно не чини

Бидете внимателни бидејќи конзумирање на поголема количина на црвено вино од онаа што беше наведена погоре може да ги поништи сите претходно спомнати придобивки. Дури и повеќе, може да придонесе за појава и ширење на истите оние болести кои умереното конумирање ги спречува.

Колку поцрвено, толку подобро

Грозјето произведено во поладни и повлажни региони има повеќе ресвератол. Најмногу го имаат оние сорти кои се најподложни на мувла, па затоа Пинот Ноар е, на пример, вино кое е исклучително богато со ресвератол. Вината кои се постари исто така имаат поголемо количество  од овој антиоксидант бидејќи младите вина може да бидат филтрирани, преку процес кој отстранува дел од горчината на виното, но исто така отстранува и дел од ресвератолот.

Слично правило важи и за флавоноидите. Овие соединенија се концентрирани во лушпата и семките на грозјето. Еден од флавоноидите кои ги има во вината е антоцианинот, кој им ја дава црвената нијанса. Колку е бојата на виното подлабоко црвена, толку  бил подолг контактот на виното со лушпата на зрната грозје за време на ферментација, па оттука е и поголемо количеството на флавоноидот. Значи, убаво созреано Кабернет Шевињон вино е прекрасен избор.

Внимавајте, овие две соединија се разградуваат со светлина и кислород, па лесно исчезнуваат еднаш штом шишето ќе се отвори. Од друга страна, добро издржуваат температура на готвење, на пример.