Врти сучи, пак ми дојде сезоната за слатко од јагоди. Ми се тресе душичката само кога ќе помислам колку треба да се трткам со миење на јагодите, па чистење, само подготовките ќе ме уништат,  а кај ми е варењето, па собирањето, па чистење после тоа, оф, оф!

А не можам никако да се откажам од тоа пусто слатко (демек сум пробала!). Нема врска што по дома ме малтретираат, знаете на што мислам: кога ќе го правиш, колку ќе правиш оваа година, направи повеќе, лани го смачкавме на брзина, да не те зафркне времево, ќе има ли уште јагоди…и така во недоглед. Ама, да бидам искрена, и јас не можам да му одолеам, особено во палачинчиња….хмммм.

Замислете си само, чистење на 8-10 килограми јагоди, една по една!!! Само што оваа година не се малтретирам толку, па крај! Си реков, а бе луѓе свашта прават, да не измислил некој случајно некоја справичка за чистење на јагоди? И случајно или не, си ја најдов.

Ако планирате и вие да правите слатко годинава, немојте случајно да не си ја набавите справава! Па после ќе правиме муабет колку е мачно правењето на слатко од јагоди…