1. Служете го директно. За ручек и вечера секогаш вадете чинија полна со сиров зеленчук. Добар извор се краставици, домати, моркови, целер и зелени пиперки. Размислете за идејата да послужите различен сос со зеленчукот секој ден: лут сос, сос од зачини, кисел сос, пасирано сино сирење со млеко. Иако може да изгледа необично, верувајте дека секој ужива во крцкавоста и свежината што ја пружа зеленчукот послужен на ваков начин.

2. Јадете салата секој ден. Една ракатка сечкан зеленчук, неколку шери домати, неколку кришки краставица или јаболко и ќе добиете супер здрава салата додека сте трепнале. Салатата е одличен начин за започнување на секој оброк.

3. Печете го зеленчукот. Повеќето зеленчуци имаат одличен вкус кога ќе се испечат во рерна со малку маслиново масло, оцет, сол, црн пипер и лук. Во текот на зимата користете коренаст зеленчук како пашканат, бела репка, цвекло, морков и компир. Во лето испечете печурки, тиквици, домати, кромид и пиперки. Во принцип, исечкајте го зеленчукот на поголеми парчиња, зачинете и печете во тавче врз хартија за печење од 20 до 40 минути во зависност од дебелината на парчињата. Внимавајте да комбинирате зеленчук со слична тврдост и иста големина на парчињата за се да биде готово во исто време.

4. Пасирајте го зеленчукот во супа.  Компирот, морковот, тиквичка, тиква, карфиол и брокула – скоро секој варен (или преостанат од нешто) зеленчук може да се подготви во супа. Рецептот за зеленчукова супа е многу еднмоставен. Сварете го зеленчукот и испасирајте го. Додадете во смесата од водата во која се варел зеленчукот, или супа од коцка, па дури и млеко. Зачинете и оставете да проврие.

5. Брзо запржете го. Многу видови на зеленчук имаат одличен вкус после едноставно и брзо запржување, на кинески начин. Изберете го омилениот зеленчук и исечкајте го на парчиња со големина на залаци. Загрејте го тавчето на висока температура. Додадете малку масло и ставете го зеленчукот. Пржете со постојано мешање додека малку не омекне, а потоа само зачинете со омилените зачини.

6. Направете сос. Од домати, кромид, пиперки, печурки и зелен зеленчук можат да се направат одлични варени или сирови сосови. Искористете ги овие сосови врз пилешко, свинско, телешко месо, врз ориз или било која тестенина.

7. Додадете го во омлет. Ретки се видовите на зеленчук кои не можат да се додадат во омлет, особено ако се комбинираат со малку издробено или изрендано сирење или кашкавал. Во зеленчуци кои посебно добро одат со омлет спаѓаат доматите, кромидот, печурките, пиперките и компирот.

8. Изрендајте го со мелено месо. Подобрете го вкусот и нутритивната вредност на меленото месо за плескавици, ќофтиња, сосови за тестенини, мусака, сарма и полнети пиперки на тој начин што ќе додадете една чаша рендан зеленчук (на 600 г месо). Можете да искомбинирате морков, тиквички, пиперки, печурки, кромид, спанаќ и друг зелен зеленчук.

9. Рерната е одлична за зеленчук. Секогаш кога печете месо, опкружете го и наполнете ја тавата со исечкани парчиња различен зеленчук.

10. Обидете се да ги менувате рецептите. Додадете исечкан варен спанаќ или рендан морков во сосот кој го користите за лазањи. Зголемете ја количината на зеленчук и намалете ја количината на месо кои ги употребувате за подготовка на супи, ѓувеч и компир манџа. Додадете варен или печен зеленчук или грав на печените макарони, и другите јадења со тестенини и теста.