Историјата на компирот е малку необична, па вреди малку повеќе да се дознае за неа. Тој почнал да се култивира пред приближно 5000 години во областа околу денешно Перу. Јужноамериканските Индијанци го обожувале компирот, па дури, во негова чест, принесувале жртви. Од Јужна Америка во Европа компирот е донесен во средината на 16-от век од страна на шпанските освојувачи. Меѓутоа, патот на компирот до трпезите бил долг, непризнат па дури и осудуван. Историјата на компирот во Европа е завиена со голем број предрасуди и суеверија. На почетокот компирот го сметале за диво и отровно растение, па според тоа и непригодно за јадење. Тогашните лекари мислеле дека  компирот предизвика заматување на умот. Но затоа пак жените во Франција косата си ја закитувале со цветовите од растението, а правеле и букети. На почетокот се обидувале да го јадат надземниот дел  од компирот (листовите), а не корените. Биле забележани чести труењата, па дури и голем број на смртни случаи. Ова е веројатно најголемата причина што долго време компирот не се применувал во исхраната. Денес точно се знае која е причината за таквите труењата, но за тоа малку подоцна.

Корисните својства на компирот се согледале дури во 18 – от век. Меѓутоа, селаните одбивале да го садат поради здравствените проблеми кои мислеле дека ги предизвикува. За да се избори со ваквиот однос на селаните, прускиот крал Фридрих Вилхелм I, на пример, издал специјален указ според кој, на сите оние кои одбивале да го садат компирот, требало да им се отсечат ушите и носот. Во Англија пак било одлучено поинаку. На оние кои ќе го садат компирот да им се доделува златна медалја. Главниот виновник за ширење на оваа култура во Франција бил Антуан Огист Прамантје. Тој, во 1755 година, за време на војната бил заробен од страна на Германците и таму, во заробеништво во Германија, за прв пат пробал компир. Нормално, се воодушевил од неговиот вкус. Во тоа време во Франција царувал гладот и кога Прамантје се вратил од заробеништво, почнал да се занимава со одгледување на компир, почнал да приготвува разновидни јадења од компир, насекаде зборувал за него, па дури и го молел кралот да го дозволи одгледувањето на ова прекрасно растение. Во тоа време, за да се намали гладот, Париската Академија на науки понудила награда на оној кој ќе изнајде нови продукти за исхрана. На сцената се појавил Антуан Огист Прамантје со своите компири и по долгите убедувања успеал. Од тогаш па наваму, компирот во Франција зазема важно место на трпезата.

Во Русија, првата вреќа компири бил донесена од страна на Петар I. Селаните воопшто не биле одушевени од компирот и околу него се вртеле голем број на суеверија. Ако, на пример, израснал компир кој наликувал на глава од човек, тие мислеле дека таквиот компир ја јаде душата на човекот. Затоа давале голем отпор кон неговото одгледување. Во првата половина на 19 –от век, кога во Русија владеела суша, а жетвата била многу намалена, тогашната влада презела мерки со цел да се промовира одгледувањето на компири. Меѓутоа, селаните биле упорни и тврдоглаво одбивале да го садат компирот. Тие се спротивставувале на ова барање. Војската одговорила со сила и ги нападнала бунтовните селани. Во историјата инаку ова е познато како бран на т.н. компир немири.

Денес, компирот расте насекаде, на Арктик, во џунглите на Индија, во саваните на Африка и мочуриштата на Нова Гвинеја. Од него се приготвуваат стотици видови јадења, за појадок, за ручек, за вечера. Со компир се хранат милијарда луѓе и со право се нарекува храна на човештвото.

Отровен компир

Можеби ова ќе ве зачуди, но компирот може да биде отровен. Зелените вегетативни делови на растението (листовите и стеблото) содржат еден вид алкалоид, наречен соланин (solanine) кој го штити растението од некои штетници, а за човечкиот организам е многу отровен. Токму затоа, во почетокот на појавата на компирот во Европа, кога се конзумирал само надземниот дел, се случувале бројни труења па дури и умирања. Токму тоа и била главната причина што компирот долго време не се употребувал како храна. Освен во надземниот дел, овој алкалоид може да се најде и на самиот компир, особено ако се чува несоодветно, односно на светлина.

Затоа запомнете: Ако наидете на компир кој има зелена боја на површината, задолжително исчистете го тоа место, или пак фрлете го целиот компир ако зелената боја се шири и во внатрешноста. Ваквиот компир не е за јадење.

На пазар, пазарџиите ќе ве убедуваат дека таков компир не е доволно зрел и дека тоа не е страшно. Не верувајте им, зелениот дел од компирот е ОТРОВЕН И НЕ ТРЕБА ДА СЕ ЈАДЕ. Сигурно од еден компир и нема да се отруеме, ама нема причина да се јаде кога веќе знаеме дека соланинот, присутен во зелените делови на компирот, е отров. Инаку, 20-30 мг соланин е безопасен, веќе 200 мг предизвикува тешки труења, а 500 мг предизвикува смрт.

Зошто излупениот компир потемнува?

Добро познато ни е дека откако компирот ќе се излупи и ако постои така излупен подолго време на воздух, тој потемнува. Зошто? Затоа што, откако лушпата на компирот е отстранета се создаваат услови на заемодејство меѓу кислородот од воздухот и некои материи од компирот, како на пример  полифенолите, кои лесно оксидираат. Оваа оксидација се одвива со помош на некои ферменти, кои исто така се присутни во самиот компир. Како резултат на оваа оксидација се создава нова материја (супстанца) наречена меланин која пак има темно кафена боја и при тоа го променува и изгледот и вкусот на компирот. Ова може да се спречи така што, откако компирите се излупени, веднаш ќе се потопат во вода, што значи дека нема да има контакт со кислородот од воздухот, па така и ќе се спречи темнеењето. Меѓутоа, не смее да се држат компирите долго време во вода затоа што корисните состојки преминуваат (се раствораат) во водата, која инаку се фрла. Во процесот на термичката обработка се стопира дејството на ферментите, па така термички обработениот компир не потемнува.

Хемиски состав на компирот и неговите хранливи вредности

Хемискиот состав на компирот зависи од сортата, условите на одгледување и чување на компирот, од составот на почвата, од тоа дали се применува ѓубриво или не, од климатските услови. Според тоа, нема да наведуваме бројки.

Во просек, компирот содржи околу 70-80 % вода, 18 % скроб, но содржи и мала количина протеини, шеќери, прехранбени влакна, пектини, ферменти, некои алкалоиди, некои органски соединенија, некои полифеноли. Сепак, она што го прави компирот исклучително хранлив тоа се главно витамините и минералите. Од витамини ги содржи (на 100 г компир): витаминот С околу 12 мг,

РР околу  0,57 мг; В1 –  0,11 мг; В2 –  0,66 мг; B6 –  0,22 мг;  витамините Е и К. Од минерали содржи: натриум, калциум, магнезиум, железо, сулфур, хлор и елементи во трагови како цинк, бром, силициум, бакар, бор, манган, јод, кобалт, инт. Минералите во компирот се нерамномерно распределени. Повеќе ги има во кората, а значително помалку во средината. Минералите во компирот се во таква форма што лесно се усвојуваат од страна на организмот и се всушност базни (алкални) соли, кои придонесуваат за одржување на алкалната рамнотежа на крвта, што е од големо значење за човекот.

Компир содржи до 2% од протеини со висока биолошка вредност. Според тоа ако човек јаде само компир и ништо друго, тој може да живее долго време, токму заради богатиот хемискиот состав на овој зеленчук. Мора да се запомни дека протеините во компирот се наоѓаат главно под кожата на компирот, токму оној дел што ние при лупење го отстрануваме. Затоа се препорачува компирот да се лупи колку што е можно потенко.

Корисно е да се знае дека младиот компир и компирот собран наесен се најбогати со витамини, додека кај пролетниот компир содржината на витаминот С во компирот значително се намалува, дури и до 70 %.

Лековити својства на компирот

На лекарите одамна им биле познати полезните својства на компирот, особено за болки во стомакот, но неодамна научниците од Универзитетите во Гетеборг, Шведска и Барселона, Шпанија откриле дека овој зеленчук, исто така го подобрува имунитетот на човекот.

Во компирот доминираат базните (алкалните) елементи, па затоа тој ја регулира киселинско-базната рамнотежа во организмот. Истовремено тоа е причината зошто сок од свеж компир е ефикасен при третманот на гастритис (воспаление на слузницата на желудникот) со висока киселост. Сокот од компир го кочи (инхибира) издвојувањето на желудочниот сок.

Заради големото количество на калиум (570 мг%), витаминот В1 (тиамин) -,0,30 мг% и фосфорот – 60 мг%, компирите се одлично средство и при лекување на кардиоваскуларните болести.

Свежиот и сиров компир, особено компир одгледуван без употреба на хемиски ѓубрива, е многу корисен.  Сок од сиров компир содржи големи количини на минерали (калиум, сулфур, фосфор и хлор), и е посебно добар ако се комбинира со сок од морков. Познато е дека сите минерали во трагови се корисни само кога се во органска форма (еден хемичар би рекол органски соединенија). Меѓутоа, најчесто при термичката обработка (варење, пржење) тие преминуваат во неоргански соединенија. Генерално, во оваа форма, не може да се апсорбираат од страна на човечкиот организам или имаат многу мала вредност.

Сокот од компири ја олеснува и главоболката, го намалува крвниот притисок, добар диуретик е и има лаксативно дејство. За вакви цели подобар е црвениот компир.

Уникатноста на компирите како лек се состои во тоа што соодносот на витамините С и Е (едни од најсилните антиоксиданси) му обезбедува на телото превенцијата и лекување на многу болести како на пример ревматична треска, туберкулоза, скорбут, колитис, дијабетес, и др.

Компирот може да се користи и за надворешни цели. Свежо рендана каша од компир се користи за лекување на изгореници и чиреви, акутен дерматитис, егзема, особено гнојници на кожата.

Присуството на скробот, пектинот и витаминот В6 во компирот овозможуваат прочистување на организмот од нитратите и нитритите и други токсични материи, а истовремено и го намалуваат холестеролот во крвта.

Мора уште еднаш да се спомне дека во зелениот компир се наоѓа супстанцата соланин која има негативни ефекти врз човечкото тело, а особено се зголемува кога се јаде во исто време со месо. Фактот дека не се препорачува да се консумира истовремено месо и варен компир, на многумина, меѓу нив сум и јас и сите мои дома, тешко ни паѓа, па скоро и да не се придржуваме кон оваа препорака.

Постои и еден интересен мит за компирот, а тоа е дека живиот (сиров) компир не може да се јаде.

На прашањето дали може да се јаде жив компир секој би одговорил НЕ, НЕ и НЕ. Од него се покачува температурата на телото и божем те прави болен. Зарем некои основци и средношколци не помислувале на таков начин да се ослободат од часовите на училиште, особено ако се знае дека професорката ќе испрашува? Советот бил „изеди жив компир“. Мислам дека многумина помислувале на ова, ама исто така мислам дека никој и не пробал. Прво, затоа што самата помисла да се јаде жив компир веќе ти прави непријатност, а камоли јадењето. Ама и да изедете жив компир, ништо, ама баш ништо нема да се случи, а уште помалку ќе покачи температурата. Е, ова е МИТОТ ЗА КОМПИРОТ. Жив компир не само што може се јаде туку е и многу покорисен одошто компир во било која друга форма (варен, пржен). Не верувате? Па и јас не верував, ама пробав, навистина нема некој вкус, ама ако се мора и ќе се изеде. На крајот на краиштата, велат дека е многу лековит…