Немојте веднаш да ме карате за некреативното име, ама навистина не знаев како да ја именувам оваа алатка. Некако ми се чинеше дека сите варијанти за превод од англиски (corn kerneler) не ми звучеа убаво. И во интерес на времето, нели, си ја крстив алатка за пченка. Секако, ако имате идеја како би можеле да ја викаме, пишете ми веднаш…

Бидејќи сезоната за пченки е веќе тука, многу е важно да ги имате по дома сите алатки што ви се потребни за подготвување на пченка – а тоа значи експрес лонец и ова чудово тука, за да можете со еден потег да ги исчистите зрната од кочанот и да можете на раат да си грицкате пред телевизор. Не сум си го купила уште, морам да признаам, и некако се мислам. Вака ми изгледа супер ефикасно на сликава, ама ми се чини дека дебелината на отворот не се подесува, а тоа ми изгледа како проблем. Па што ако кочаните се подебели или потенки, па не пасуваат? Или ќе треба да си одам со алатчево на пазар, па да ја мерам секоја пченка? Или уште подобро – замислете му одите на продавачот на пазар и му велите – дај ми 6 кочани, со фи 6,5 сантиметри??

Како и да е, алатчево можете да го најдете тука, а ако случајно го купите, веднаш да ми јавите дали е добро за да знам дали и јас да го купувам. А до тогаш, јас ќе си ја јадам пченката како и сите други!