Практичен и едноставен за се во животот, па така и во изборот на храна, ќе каже еден од нашите најпознати мејк ап артисти, кои многумина повеќе го знаат по неговиот прекар Дадар, отколку по неговото вистинско име Александар. “Чудно е, но вистинито е дека јас многу ретко готвам, меѓутоа природно сметам дека сум талентиран и имам докажано дека можам да спремам вкусни јадења. Не премногу комплицирани, но сепак вкусни. На пример шпагети со некој интересен сос се мојата специјалност.”

Дадар е еден од оние кои не сакаат да експериментираат кога седнуваат на ручек во ресторан. Се држи до проверените вкусови, без премногу двоумење. Не сака морски плодови, а омилени јадења му се оние од италијанската традиционална кујна. “Не сакам да експериментирам од едноставна причина што кога седнувам во ресторан да јадам, тоа значи дека сум навистина гладен и чекам што е можно побрзо да ми го послужат јадењето и набрзина да го изедам. Немам посебни ритуали кога јадам. Преферирам да се најадам, па да зборам, а не да јадам 3 часа и тоа да се одоговлечи до бесконечност.”

Самиот за себе вели дека не е некој посебно голем гурман. Јаде минимум три пати на ден, но внимава што и како става во уста. Сепак тоа не значи фанатично броење на калории, освен можеби во период кога активно вежба. Тогаш знае да влезе во филм на тотално здрава исхрана. “Сакам да јадам здрава и свежа храна, а се случува многу пати да јадам на брзина, во зависност колку имам време. Кај мене важи правилото:  јадам затоа што треба и колку што ми е потребно, а не спаѓам во онаа група -“морам да јадам”.

Александар Билјановски -Дадар

Дадар ретко ќе го видите во супермаркет како полни количка. “Јас сум човек кој што многу ретко оди во супермаркет. Фала богу, мајка ми и татко ми се одговорни за набавки за домашната кујна. Доколку веќе морам да одам во некој маркет повеќе се задржувам кај техниката, кај козметичките препарати, миризливите свеќи, книгите или кујнскиот прибор.”
Што се однесува до проверката на рок на употреба или нутритивната вредност на некој продукт, вели дека понекогаш се случува да го провери рокот и да се заинтересира што содржи пакувањето, меѓутоа не е опседнат со тоа. “Благодарен сум што не сум се затрул со храна до сега.”

Иако не е пребирлива личност кога станува збор за храната, не се обидувајте да му наметнете мислење  што да јаде доколку сте седнати со него на ручек. Вели дека од куртоазија не би пробал ништо. “Никогаш не го наметнувам својот вкус на друштвото со кое седам на маса. Можам да дадам препорака за нешто убаво, но не инсистирам и секако не сакам ни на мене да ми го наметнуваат својот вкус.”

На идеaлен фамилијарен ручек, во семejството Билјановски обично има убаво печено месо. “Или јагнешко или свинско, но јас најчесто многу малку јадам месо. Не уживам во тој вкус претерано, па сите обавезно ме тераат да го изедам месото. А кога би ме прашале мене, би можел да јадам и само убаво печени и сочни компирчиња со убава свежа салата.”

Омилена пијалак– вода, посебно негазирана Пелистерка. Бело или црвено вино. Не пијам сокови скоро никогаш!
Омилена салата- домат исечкан на кругчиња со моцарела.
Омилен десерт– не јадам скоро никогаш благо, а ако јадам тоа се житарици со лешници и црно чоколадо.
Омилен ресторан– Воденица, Арабеска, Тренд

Дневно мени:

За доручeк обично јадам препечен леб со доматна салата, а понекогаш знам да забегам, па да си изедам една Аргета и уживам во неа без грижа на совест. Обавезно јогурт или чоколадно млеко.
Ручекот го јадам најчесто без леб, или дома нешто убаво приготвено или пак во ресторан.
Вечерата обично не ја практикувам. Ако мора, преферирам тоа да биде свежа салата.