Корисна, забавна, високо естетизирана и можеби она најважното, за неа не треба да платите ниту денар. Станува збор за една од најдобрите апликации за готвење, пандан на сајтот Allrecipies, на која можете да најдете повеќе од 40 илјади рецепти. Сево ова е спакувано во прилично едноставен кориснички интерфејс, каде лесно ќе ги пронајдете информациите кои ви се неопходни. Изборот на менија е совршен, а на располагање имате многу корисни совети и идеи што да зготвите.

Кога ќе ја стартувате апликацијата се појавуваат три реда на икони, на првиот се видови на јадење, на вториот состојки и на третиот начин на подготвување. Со помош на oпцијата Dinner Spinner, која се активира со протресување на телефонот(функционира слично на слот машина), категориите ќе се смешаат и ќе добиете рендом идеја што да зготвите.

Исто така оваа опција можете да ја користите и со филтрирање на одредени состојки. На пример, одберете салата во комбинација со сирење и начин на подготвување не подолг од 20 минути. Апликацијата ќе ви ги понуди сите салати со сирење кои се подготвуваат за 20 минути. Покрај огромниот избор на репецти, она што оваа апликација ја чини посебна е интеракцијата.

Можете да оценувате рецепти преку конектирање на Facebook или Twitter, да пишувате и читате коментари. Оние кои внимаваат на калориите и на својата линија, можат на секој рецепт да ја видат нутритивната вредност и бројот на калории.

Ако со овој текст успеваме да ве заинтригираме, трк на официјалниот сајт и симнувајте. Апликацијата е достапна за Android, iPhone, Windows Phone и Kindle Fire.