Поборник е на здрава исхрана и голем гурман кој негува посебен однос кон храната. Не сум тип што јаде за да преживее, уживам во убава и добра храна, ќе рече Амернис, познатата актерка која љубителите на театарската уметност добро ја познаваат по нејзините впечатливи улоги одиграни во Албанскиот театар.

Поради обврските често и се случува да јаде од нога, на брзање, па дури и додека вози кола.
„Тоа е претежно од сабајле, купувам ѓеврек и јогурт и дур возам – јадам. Затоа ручекот сакам да го јадам седната на маса и сервирано како што треба, но има денови кога сум на работа по цел ден и немам време баш за јадење.“

Амернис не е една од оние жени кои фанатично бројат калории, особено додека ужива во храната. „Никогаш кога ќе седнам на маса не размислувам за тоа, но проблемот настанува после од кога ќе се најадам да ми текне дека сум ја претерала и дека од следниот пат ќе припазам, ако припазам“.

Една од најважните работи во животот е нејзините деца да ги едуцира да се хранат здраво, мисија која засега и успева. „Значи ова за мене е најбитниот момент. По човекот се гледа дали се храни здраво или не. Јас сум поборник на здравата исхрана (отстапки секогаш има и ќе има), а што се однесува на децата – исто како за мене и за нив, со тоа што кај мене дома нема грицки од типот смоки, чипс и ред такви глупости, па дури ни сок и моите деца не ги бараат. Не сакам баук да им правам и да им кажам дека тоа не смеат да го јадат, бидејќи ќе имам контра ефект. До сега со јадењето ми одело добро и се надевам дека така и ќе продолжи. А ако го прашате маж ми на оваа тема за децата и нивната исхрана ќе ви каже дека по некогаш сум екстремна во тоа дека треба здраво да се хранат. Јас мислам дека треба на ден да внесат барем два или три вида на зеленчук и три вида на овошје. Опседната сум со тоа дека ако не изедат толку овошје и толку зеленчук нема да бидат здрави. Претерувам, но што да правам таква сум си“.

Иако улогата на сопруга и мајка на две ќерки сама по себе изискува поголема кулинарска способност, како што самата вели, нејзиниот сопруг новинарот Борјан Јовановски е главниот шеф во кујна. „Сакам да готвам и готвам, но во прва прилика му ја допуштам таа улога на маж ми. Он мнооогу убаво готви и до сега немал утка. Во ресторан сакам да одам, ама ако ме прашате меѓу ресторан и домашен ручек јас ќе го одберам второто.“

Нејзините омилени домашни специјалитети кои најдобро знае да ги приготви се нудли со зеленчук, риба во рерна, и мусака. „Ха ха ха, јас готвачка и сега моите специјалитети така?! Епа ако овие се специјалитети, тогаш во ред. Најдобро за специјалитети да се обратите кај маж ми, може! Борјан вели дека за едно 4-5 години ќе сум станела топ готвачка“.

Амернис, како што самата вели, не е некоја посебна пребирлива личност. Не јаде пивтија и свежа пиперка, останатото повеќе или помалку не и преставува некој посебен проблем. Од супермаркет не заминува без млеко, јогурт, сирење, крем сирење, со еден збор млечни производи.

Од специјалитетите кои ги пробала на нејзините патувања мора да издвои неколку и тоа по следниот редослед: „печена патка во еден елитен ресторан во Париз, фиорентински стек во најстариот ресторан во Рим, голем впечаток ми остави бакаларот во Cinque terre (Italia), нема никогаш да ги заборавам равиолите јадени во Val durasca (Италија).Сигурно има уште многу ама сега не можам да се сетам. А ми текна и јагулата во Радожда. Јас се врзувам многу за мирис и вкус, и кога некој ќе ми рече ајде бе и тука истото јадење го прават, јас викам не, и не е можно да биде бидејќи тие вкусови ми се останати длабоко врежани во меморијата. Кога јадеш добра храна јас викам дека имам симфонија во устата.“

Омилена пијалок…Вода
Oмилена салата…Домат и печена пиперка со лук.
Омилен десерт… Козјо сирење (шевре) прелиено со џем од портокали
Омилен ресторан… Воденица. Ќе ја одвојам Воденица бидејќи секогаш од кога е отворена нема изгубено од нејзиниот квалитет, што често се случува со другите ресторани.

Омилено дневно мени
Доручек….Кафе па ако ми остане место може ѓеврек ама не било каков, признавам само турски ѓеврек кој го продаваат во колички на улица кога одам на работа.
Ручек…. Салата таа омилената, риба на скара со гарнир палента и блитва (за време на јадењето не пијам ништо) винце отпосле може малку и на крај палачинка Ала Даља и сето ова во Воденица
Вечера ….Вечерата често ја прескокнувам -протестирам :)