Ние ја викаме мастика или анасонка, Бугарите – мастика, Грците – узо (ouzo), Турците – раки (raki), арапите – арака (araka), Шпанците – чинчон (chinchon), а Италијанците – самбука (Sambuca). Може да се каже дека овој пијалак преставуваат белег за својата татковина (кај нас веројатно тоа е жолтата ракија) и е дел од националната идеологија и начин на живот. Во секој од овие земји може да се забележи истата шема: во вечерните часови, кога целата работа е завршена, луѓето се соберат на мастика и пиејќи, со часови разговараат. Jа пијат обично со вода и мраз. Популарноста на мастика и мраз може да се објасни во однос на физиологијата: во топлите климатски предели, кога се пие, создава чувство на свежина во целото тело. Што всушност претставува мастиката? Тоа е ароматизиран алкохолен пијалак, а аромата ја добива од анасонот. Меѓутоа, овде и сега, целта не е мастиката туку анасонот како зачин и медикамент.

Анасонот, пред се, претставува  зачин со интензивен специфичен мирис и сладок вкус. За него знаеле уште во далечното мината, а за тоа сведочат пронајдените семиња од анасон во простории кои датираат од камениот период. Анасонот го употребувале и древните грчки лекари како Хипократ, Авицена. Татковина на анасонот се смета Средоземјето но подеднакво може да се припишат и Блискиот Исток. Познати се два вида на анасон. Едниот е оној обичниот, а вториот е ѕвездестиот анасон. И поред тоа што на изглед, овие два вида анасон, се потполно различни, нивниот вкус и мирис е многу сличен. Додека обичниот анасон е едногодишно тревнато растение, ѕвездестиот анасон е релативно мало дрво кое расте во Југоисточна Азија, а чии плодови имаат ѕвездеста форма и се користат како зачин.

Анасон во готвењетоАнасон во кулинарството

 Во основа се употребува семето од анасон. Меѓутоа, во кулинарството имаат примена сите делови од ова растение, и стеблото и листот и семето. Листовите од анасон може да се користат за истите намени како и магдоносот. Со нив може да се зачинуваат салатите, супите, главните јадења. Патем кажано, анасонот припаѓа на семејството целер и магдонос. Може да се употребуваа свежо или исушено, цело или сомелено. Се применува во разни салати, главни јадења, десерти и разни видови пијалаци како чај, алкохол, квас, мус, пудинг, се употребува во производството на леб, при конзервирање на зеленчук и овошја. Често се додава во различните маринади, а прекрасен сопатник е на јаболкото. Анасон одлично се комбинира со лаворовиот лист и со коријандерот, па токму затоа често се прави нива смеса и како таква се употребува.

Анасон во народната медицина

Она штом можеби помалку ви е познато за анасонот тоа е дека тој има почесно место во народната медицината. Зошто? Едноставно заради тоа што содржи голема количина на разни етерни масла, масни киселини, протеини (белки), шеќери, толку потребни на човечкиот организам.

Во народната медицина чајот од анасон се употребува како диуретик, а е познат и по тоа што, при настинки ја намалува покачената телесна температура. Чај од анасон се пие за подобрување на варење на храната, многу помага и го олеснува исфрлањето на секрет при кашлицата, воопшто, одличен е при воспаление на органите за дишење, бронхитис, кашлица. Помага при болни менструации, против надуван стомак, ги смирува грчевите, кај мајките доилките го зголемува лачењето на млекото, а има особина и да ја прочистува и крвта.

Чај од анасон

Еве како се приготвува чај од анасон. Една полна лажичка сомелено семе од анасон се залева со една чаша зовриена вода, така се остава да стои 10 минути, а потоа се цеди и пие. При кашлица се пие 2 – 5 пати на ден по една чаша. Може слободно да се заслади со мед (не со шеќер). Овој чај е одличен за секого, особено за мали деца кои кашлаат. Доколку не постои можност семето да се смеле (јас го мелам во машинка за кафе), може слободно да се стават цели зрна но тогаш, откако ќе се залее со зовриената вода, треба да стои подолго време, околу 30 минути, па пото да се цеди и пие.

Во случај на долготрајна кашлица, која не баш лесно се лечи, многу помага тинктура направена од алкохол и анасон, а може да си ја направите сами, во домашни услови. За таа цел, во стаклено шише се става 100 г анасон, се залева со 500 мл 70% алкохол и се остава да стои 2 до 3 недели. Потоа течноста се прецедува, се чува во стаклено шише и во ладилник. Се пие повеќе пати на ден по 10 – 15 капки.

Доколку ве мачи несоница пробајте навечер, пред спиење да испиете една чаша врело млеко во кое е додадена 1 лажичка семе од сомелен анасон и 1 лажичка мед. Млекото не се цеди се пие заедно со анасонот. Ако имате проблеми со столицата, 15 – 20 минути пред секое јадење испијте по 2 лажици чај од анасон.

Анасон во козметика

За вакви цели обично се користи маслото од анасон и е главно наменето за зрела и овената кожа на лицето. Тоа ја прави кожата поеластична, го подобрува целокупниот тонус, ја нормализира влагата и маснотиите, и дава здрав и младалачки изглед. Токму затоа маслото од анасон редовно е застапено во препаратите наменети за нега на стара кожа.

Анасон ја зајакнува фоликулите на косата, ја подобрува структурата на коса особено помага при лечење од себореја. Постојат докази дека масло од анасон може да помогне да се ослободи од вошките и од шугата.

Интересни факти за анасонот

Мирисот на анасон го сакаат дури и животни: кучињата и мачките, па анасон често се користи во нивната обуката. Дури и рибите го сакаат анасонот. Многу често рибарите ја мачкаат мамката со анасон и ловот е гарантиран.