За бананата може да се каже дека е вистинско мало чудо и е најголемото складиште на енергија кога станува збор за овошјето. Како потврда дека оваа репутација на бананата не е незаслужена говори и фактот што само две банани дневно се доволни за да се издржи 90 минутна напорна работа, па затоа ова овошје е особено популарно кај спортистите.

Освен што е огромен извор на енергија, бананата содржи и триптофан кој се претвора во серотонин кога ќе се внесе во организмот, а серотонинот, како што е добро познато, придонесува за опуштање и подобрување на расположението, што е значајно во борба против секојдневниот стрес. Бананата има и други вредности:

– корисна е во борбата против анемија

– го намалува ризикот од појава на зголемен крвен притисок и мозочен удар

– помага при воспоставување на рамнотежа во системот за варење и ја регулира столицата

– го смирува нервниот систем благодарејќи на големата содржина на витамин Б.

И тоа не е се. Бананата е и богат извор на калиум кој помага во борбата против грчењето на мускулите, а допринесува и за спречување на пропаѓањето на мускулната маса кај постарите лица. Не на одмет да се истакне и дека, во споредба со јаболкото, бананата содржи 4 пати повеќе протеини, 2 пати повеќе јаглехидрати, 3 пати повеќе фосфор и дури 5 пати повеќе витамин А. Затоа може со сигурност да се каже дека бананата е вистинска кралица на овошките.

Но, внимавајте. Гликемискиот индекс на бананата е доста висок (77), што значи дека треба да ја избегнуваат лицата кои се на диета или во процес на слабеење.