Вашата компанија е класичен пример како една интересна фамилијарна традиција може да се претвори во успешен бизнис. Раскажете ја приказната како го создадовте брендот Трајковски?

Traikovsky Wines & Spirits е семејна бутик винарија и дестилерија, лоцирана во регионот на Барово, во с. Крњево, во долините на Кожуф планина, ново откриениот регион на најдобрите лозови насади од Тиквешкото виногорје од Македонија. Со семејна традиција на производство на вина и алкохоли од 1922, Traikovsky Wines & Spirits е повеќе од само бренд на вина и алкохоли. Туку е начин на живот, живот со целата своја убавина, срж на традицијата и битието, радост на припадноста и искреноста. Природата овековечена во шише еликсир.

Произведени од најдобрите Тиквешки лозови насади од долините на Кожуф планина, од грозје созревано од интензивните зраци на планинското сонце, разладувано од мирните ветрови на долините на Кожуф, во кои тивко жубори реката Бошавица, Traikovsky вината и алкохолите, природни домашни производи, направени по стара дедова рецепта, со многу љубов, се синоним за вина и алкохоли со импресивен карактер и чистота и извонредна елеганција.
Од нежни и прекрасни домашни класици, како ракија и мастика, преку асортиман на свежи и ароматични вина, до ремек дело како ниедно друго во светот, познатиот вињак Traikovsky Wine Brandy VS, тоа се вината и алкохолите Traikovsky. Семејна традиција од 1922. И кога ќе ги пробате, пробувате магија, пробувате радост, пробувате живот.
А TRAIKOVSKY најнапред беше сон, поточно желба. Желба да се создаде еден поинаков македонски пијалок, вињак, производ достоен да им парира на француските коњаци, кој самиот по себе ќе биде момент за уживање, за душата, за сетилата.
Всушност, идејата за брендот постои уште од кога се сеќавам за себе. Отсекогаш копнеев да ја продолжиме семејната традиција на печење на вињаци и ракии, која се предавала во фамилијата од колено на колено, од генерација на генерација, а чии најстари записи датираат во далечната 1922г. Но дури кога бев во Франција на студии идејата си доби душа, конкретна замисла и оттука започна и нејзиното реализирање.
Го проучивме светскиот пазар и трендови на алкохолните пијалоци и свативме која силина би ја имале нашите производи, нашиот бренд. Разработивме долгорочна стратегија за градење на моќен бренд. Ги споивме традиционалните вештини на нашето поднебје со знаењата од стариот свет и ги искомбиниравме со природните ресурси и изобилија на нашата држава. Особено се извонредни ресурсите во регионот во кој се наоѓаат нашите производни капацитети, Кожуф планина. Лозовите насади кои се на 700м н.в., заедно со мешавината на Континентална, Медитеранска и Планинска клима, со благи лета и доволни врнежи за да лозјата не се наводнуваат вештачки, ги прават долините на Кожуф идеален регион за производство на грозје полно со аромати. Во текот на топлите летни денови и ладни ноќи, ридовите од Кожуф ја донесуваат доволната количина на ладен ветар за да се развијат повисоки нивоа на киселини и аромати во грозјето.
Следејќи ги трагите на нашите предци, користејќи ја традицијата и најдобрите суровини, успеавме да развиеме и произведеме неверојатно добар пијалок, вињак, кој гордо може да се натпреварува и со француските коњаци и армањаци, а потоа од него создадовме и Македонски бренди, едногодишна варијанта на познатиот вињак, а со доста пристапна цена, потоа успеавме да создадеме специфична домашна ракија, со единствен и незаборавен шмек на даб благуњ, а успеавме и да создадеме линија на свежи и ароматични вина, бели и црвени.
И целиот тој момент на создавање беше долготраен процес. Долгорочен. Интересен. Инвестиравме во производот, но инвестиравме и во брендот. Две години ги развивавме брендот, дизајните, пакувањата. Стремејќи се кон квалитет и иновативност, дел од материјалите за пакување ги изработуваме и вон Македонија. Го создадовме брендот, го пуштивме во продажба, а сега ни претстои освојувањето на светскиот пазар.

Што беше најтешко во овој процес? Дали обезбедувањето на квалитетна суровина, можеби стекнувањето на практично знаење за самото производство, позиционирањето на пазарот…

Секој дел од процесот си има своја тежина, своја приказна, но се минеше глатко. А целиот тој процес траеше со години. Всушност, самата подготовка на Traikovsky Wines & Spirits ни одзема не помалку од десетина години. Да се истражи пазарот, да се разработи правилната стратегија, да се создаде соодветната долгорочна визуелна презентација, е основата во градењето на брендот. Се поставуваат темелите од кои зависи се понатаму.
Со суровините ни беше многу лесно. Од сите вински региони во Македонија, долините на Кожуф планина ја имаат најдобрата клима и поставеност за производство на ароматично грозје. Грозјето го откупуваме од редовни добавувачи од Кожуфските села, со кои од самиот почеток имаме склучено договор за добавување на квалитетна суровина, кој договор во целост го почитуваат. Засега не планираме да инвестираме во сопствени лозови насади. Откупувајќи го грозјето од локалните жители, имаме заеднички бенефит: ние ги добиваме најдобрите суровини, а тие имаат обезбеден пласман, со што придонесуваме кон финансиска стабилност на локалното население.
Исто така лесно течеше и производниот процес, со оглед на тоа дека станува збор за користење на традиција, стари дедови рецепти, кои единствено се освежија со модифицирање на одредени проциси. Вината ги направивме исто така користејќи ги старите методи, но усогласени со стекнатите искуства од винариите во Словенија во кои пред неколку години се обучував, со што добивме неверојатно свежи вина.
А што се однесува до пазарот, денеска ниту во Македонија, ниту во светот, пазарот не е лесен да се освои. Особено што вина и винарии има премногу. Но затоа, ние сме прва и единствена приватна дестилерија во Македонија. Тоа е наша огромна предност. Имаме асортиман што ниедна друга ниту винарија ниту дестилерија го има: вињак, бренди, ракија, мастика, бели и црвени вина. А планираме и нови производи, со кои дефинитивно ќе го задржиме приматот, и на Балканот. Дополнително, имаме единствени производи, вињак и бренди, производи кои во Македонија ги произведуваме само ние, а кои се доста потенцијални и интересни на светскиот пазар, а за кои веќе многу светски дистрибутерски куќи имаат изразено интерес.

Под овој бренд можат да се најдат навистина врвни алкохолни пијалаци вина, ракија, мастика. За дел од нив имате освоено и респектабилни награди. Кој според вас е премиум производот кој нашите читатели мора да го дегустираат, ако до сега немале прилика да го пробаат?

Сите Traikovsky производи си имаат своја специфика и се најдобри да се пробаат во соодветна пригода. Вињакот Traikovsky Wine Brandy VS, стареен 3 години во Француски дабови буриња, не би смеел да се пропушти да се проба.Тој е нашиот прв производ, производ на кој сме најмногу горди, производ кој има голем потенцијал на светскиот пазар и кој врвни дегустатори на квалитет го споредуваат со најдобрите Француски коњаци. Воедно, вињакот го имаме брендирано и за Претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов, кој како свој подарок го користи во официјални посети, што е особена гордост за нас.
За љубителите на жолта ракија, би им препорачале да ја пробаат домашната лозова ракија Traikovsky, печена на традиционален начин, и која со својот специфичен шмек на благуњ даб, кој го добива единствено од Кичевскиот даб, под чие дејство старее 3 години, не остава никого рамнодушен.
За љубителите на вино, пак би им препорачале да ги пробаат белите вина Белан или Ризлинг, овошни, нежни, ароматични, балансирани, свежи и шармантни вина, или црвените Каберне Совињон или Вранец, кои изобилуваат со карактеристични ноти.

Трајковски производиАјде малку да ги едуцираме читателите. Moжете ли да ја објасните разликата помеѓу ракија, бренди, вињак и коњак?

Особено сме горди што Traikovsky Wine Brandy VS е единствениот Македонски Вињак. Но кај нас во Македонија постои неразграниченост на терминот коњак. Коњаци се нарекуваат и вистинските коњаци, а коњаци се нарекуваат и вештачки дестилати кои го доминираат пазарот, а кои не смеат да се наречат коњаци и што е неправилно.
Има едноставно објаснување за тоа што е бренди, што е ракија, што е вињак, а што коњак.
Алкохолот кој се добива со дестилација на грозје се вика Бренди.Понатаму, Бренди кој се добива со дестилација на комиње, се вика Ракија. Или пак, Бренди кој се добива со дестилација на вино, се вика Вињак.
А Вињакот произведен во Коњак регионот во Франција, се вика Коњак. Што вусшност значи дека Вињакот и Коњакот се ист производ, само што Коњакот е произведен во Коњак регионот во Франција. Или едноставно кажано, доколку Traikovsky Wine Brandy VS, бил произведен од грозје од Коњак регионот во Франција, би се викал Коњак. Но бидејќи не е од тој регион, се вика Вињак. За разлика од вистинските вињаци и коњаци, она што во Македонија популарно се нарекува коњак, а во себе содржи всушност рафинада, односно вештачки алкохол, не би смеело да се наречени ниту бренди, а не па ли коњак.

Особено сте горди на вашите вињаци и бренди пијалаци кои освен стандардните носат и ВС ознаки. Кажете ни нешто повеќе од каде идејата да дестилирате бренди и како успеавте да постигнете врвен квалитет на кој можат да позавидат и Французите?

Најважното нешто за секој производител на алкохоли е рецептот. Добриот алкохол бара повеќе од само буриња и технологија. Бара традиција. Потребно е трпеливо чекање традицијата да созрее, да стекне мудрост и да започне да развива сопствен стил. Traikovsky Wines & Spirits ја развива таа традиција во совршени рецепти уште од 1922. А рецептите се мудро созреани низ годините. Созреани до тој степен, што кога ние започнавме со самиот бренд Traikovsky, речиси и немаше потреба од модификации на оригиналната рецептура на суровини и типови на дабови буриња и време на стареење.

Каде се можат да се купат производите на Трајковски, дали освен во Македонија, можеби извезувате и надвор од нашата земја?

И покрај тоа што Traikovsky Wines & Spirits е бренд создаден за извоз, истиот е достапен и во Македонија. Може да се купи единствено во специјализирани продавници за алкохол, да се порача директно кај нас со што ќе го испорачаме до дома, или пак може да се конзумира низ одредени локали низ државата, како и во самата винарија и дестилерија, во целосно домашна атмосфера под длабоките сенки на старите ореви или во селска куќа, во уникатен романтичен амбиент, надополнет со нежна селска идила. Веќе извезуваме во Холандија, а наскоро и во Полска, Чешка, Англија, Србија, додека во преговори се и други Европски земји.

Кои се следните ваши планови како на пример проширување на понудата, зголемување на обемот на производство, а од она што го знам сериозно имате намера да се занимавте и со вински туризам?

Планираме да ја зголемиме понудата со дополнителни жестоки пијалоци, дел од нив ќе се воведат годинава, дел постепено во наредните неколку години, а паралелно ќе го зголемуваме и производнито капацитет, кој сега изнесува 20.000л вино и 40.000л жестоко.
Но она со што во моментов сме најпреокупирани е развојот на винскиот туризам. Нашата идеја е регионот да се развие по примерот на Италијанската Тоскана, или поблискиот пример за нас, Словенската Горишка Брда. Романтичен вински регион, со постојани збиднувања на тема вино. Веќе сме во финални подготовки за развој на уникатен концепт на рурален вински туризам. Чувство како дома. Идеално место за љубители на вина и алкохоли, љубители на храна, љубители на природа, место за уживање, за поврзување со природата.
Долгорочно планираме да изградиме мал луксузен спа центар, но за почеток ќе понудиме дегустација на вино и алкохоли и домашна Македонска храна, подготвена во фурна или под вршник, која ќе се ужива во автентичен селски амбиент, во селска куќа или под длабоките сенки на оревот во нејзиниот двор, со организирани активности во природа, а воедно ќе понудиме и сместување во селски куќи покрај планинската река Бошавица, изградени токму за намена за сместување на туристи. Стартуваме во Април. Секој може да дојде, да ужива, да се чувствува како дома. Да помине еден ден во планините, во долините на Кожуф. Да дише природа и го исполни телото со свежина на чист воздух. Добредојдени се сите.