Босилек, или сладок босилек, е народното име за растението Ocimum basilicum од фамилијата Lamiaceae (нане). Води потекло од Индија и некои други делови од Азија, а традицијата за неговото користење во кулинарството и медицината е стара повеќе од 5000 години. Најприсутен е во Италијанската кујна, иако некои од многуте видови босилек често се користат и во азиските кујни, особено во Индија, Тајланд, Камбоџа, Лаос, Виетнам и Индонезија.

Вкусот зависи од типот на босилек кој се користи, но најчесто потсетува на вкусот на анис, неретко со длабока и слатка арома. Иако во повеќето светски кујни се користат само листовите на босилекот, тие не се единствените делови од растението кои можат да се јадат, па така на пример, неретка е употребата на цветовите од босилек во тајландските специјалитети.

Босилекот е најдобар кога се користи свеж, иако може да се употребува и исушен и смрзнат. Сувиот босилек губи многу од својата арома, па затоа е многу подобро да се замрзне (можете ситно да го исецкате, да го измешате со малку вода или масло и да го смрзнете во пластични садови за правење коцки мраз). Термичката обработка исто така го уништува вкусот поради што босилекот треба да се додава сосема на крајот од приготвувањето.

Босилекот не е многу проблематичен за одгледување, па ако сакате секогаш да имате свежи ливчиња во кујната, слободно насадете го во саксија за време на летото, а потоа внесете ја саксијата дома и поставете ја покрај сончев прозорец, бидејќи босилекот бара и сонце и доволно вода. Најдобро е да ги берете ливчињата пред да почне да цвета, а ако редовно ги откинувате врвовите на растението и гранчињата со цветови, уште повеќе ќе го поттикнете растот на листовите.

Босилекот може да се користи во различни видови на јадења вклучувајќи сосови (песто), свежи салати, било какви јадења со домати (особено црвени сосови за тестенини), различни супи и чорби, јадења од пилешко месо и риба, а одлично одговара и со било кое месо кое е подготвувано во сос од вино.

Може да се комбинира со било кои зачини, иако најдобро одговара со типично медитеранските билки како рузмаринот и мајчината душичка.