Булгур е турско име за житарка која се добива од неколку видови на пченица, а најчесто од „дурум“ пченицата. Булгур се подготвува од пченично зрно без лушпа, кое делумно се вари, а потоа се суши и се ситни на мали делови. Според неговата иситнетост може да биде фино мелен, средно или крупно измелен, а се среќава и со цело зрно.

Храната подготвена со булгур е особено популарна кај вегетаријанците, а поради високата нутритивна вредност треба да се најде и во секојдневното мени на сите оние кои сакаат да бидат здрави. Историјата за оваа житарка е многу долга. Процесот на добивање на булгур е стар повеќе од 4 ијади години и потекнува од земјите околу Медитеранот. Денес најчесто се користи во турската, грчката и арапската национална кујна, но се користи и во Европа, а особено во Индија.

Зошто е полезен булгурот?

Се користи пред се поради неговиот вкус, односно поради лесната и брзата употреба како и поради комбинациите на рецепти кои можат да се направат со него. Но, тоа секако не е главната причина. Булгурот важи за една од најздравите житарки кои за жал кај нас не се користи премногу. Токму затоа прочитајте ги овие нутритивни вредности и самите ќе се уверите зошто почесто треба да се најде на вашето мени. Во 100 г булгур има 342 калории, од кои 76 проценти јагленохидрати, 12.3 проценти протеини и само 1.3 проценти масти. Има многу витамини и минерали, како на пример, калциум, железо, магнезиум, цинк, тиамин, ниацин, рибофлавин, пантонска киселина, витамин B6. Поради ова булгурот се препорачува за сите оние кои имаат брзо темпо на живеење, но и на децата, спортистите и нa постарите луѓе.

Консумирањето на булгурот допринесува за смалување на вкупниот холестерол, ЛДЛ холестерол, триглицеридите и нивото на инсулин со што се намалува ризикот од срцеви заболувања. Се препорачува за време на диети поради карбохидратите и диететските влакна кои исто така помагаат во борбата против ракот, дијабетесот и болестите на срцето. Ако го спредиме со кафениот ориз, булгурот има дупло помалку калории и дупло повеќе диететски влакна. Се препорачува на жени во менопауза, ја подбрува пробавата, а особено е полезен за оние кои внимаваат на линијата. Секојдневното козумирање булгур во различни јадења, освен што ќе го чува вашето здравје и ќе ви помогне да имате рамен стомак.

Каде да купите булгур?

Го има во речиси сите продавници за здрава храна и во подобро снабдените маркети. Прошетајте, побарајте и сигурно ќе најдете. Цената му е достапна, а ако го чувате правилно ќе ви трае прилично долго. (Откако ќе го отворите пакувањето, булгурот претурете го во сад со поклопец и чувајте го на суво и темно место.)

Приготвување на булгурот

Булгурот има одличен вкус и лесно се приготвува. Најдобро е да го следите упаставото на кесичката бидејќи има повеќе типови на булгур кои можат да се купат кај нас. Во суштина се приготвува на ист начин -откако ќе се потопи во вода и ќе се остави додека зрното добро не омекне. Со него можете да направите вкусни јадења, како пилав, а може да биде и одлична замена за кус-кус. Се користи за супи, сосови, салати, а одлично оди во комбинација со месо, морски пловоди, па дури и овошје.

Булгур-здрава и вкусна житарка