Црните вина станаа многу популарни во последните неколку децении и многу почесто се наоѓаат на трпезите отколку белите вина, а најзастапена црвена сорта е секако cabernet sauvignon.  Својот пат околу светот оваа сорта на вино го започна во почетокот на 60-тите години на минатиот век и набрзо стана сеприсутна во скоро сите географски региони. Но, и покрај големата застапеност, оваа сорта е доста подложна на климатските услови, и тоа најмногу поради своето касно созревање. Не и одговараат ладните предели, додека пак во премногу топлите региони дава редуцирани, односно едноставни вкусови. Сabernet sauvignon потекнува од француската област Бордо. Се карактеризира со суви вина, кои, додека се уште млади се со изразени танини, а често знаат да покажат и дабова нота. Можат да се чуваат до 20 години, но како и кај сите други вина, поевтините примероци се најдобри за конзумација веднаш, додека поквалитетните е подобро да се остават да дозреваат (од 4 до 8 години).

Иако е доста проминентна во индустријата, оваа винска сорта е релативно нова, и е продукт на случајно вкрстување помеѓу Cabernet franc и  Sauvignon blanc во текот на 17-тиот век во југоисточна Франција. Нејзината популарност често се припишува на релативно лесното одгледување што е резултат на подебелата лушпа која ја имаат зрната грозје и која овозможува поголема отпорност на болести и ниски температури, но исто така и постојаната присутност на структураи вкусови кои го означуваат типичниот карактер на виното. Има длабоки овошни ноти, претежно од ситни овоштија како боровницата, малината, капината, но често се присутни и вкусовите на слива, еукалиптус, нане, тутун, кафе, чоколадо, па дури и ванила.

Cabernet Sauvignon  е смело и наметливо вино кое има потенцијал да ги потисне лесните и деликатни јадења. Високата количина на танини во виното, исто како и дабовото влијание и високата концентрација на алкохол која е поврзана со многу географски региони во кои се одгледува, имаат голема улога во парирањето на виното со различни типови на јадења. Кога виното е младо, сите овие елементи се најмногу изразени, но како што старее, тоа омекнува, па можностите за комбинирање со храна се зголемуваат. Cabernet Sauvignon со висок процент на алкохол не одговара со силно зачинета и лута храна, бидејќи лутото ја зголемува горчливоста на танините во виното. Поблагите зачини, како црниот пипер на пример, подобро се сложуваат со ова вино бидејќи овозможуваат минимизација на перцепцијата на танините, па така класична комбинација за ова вино би било црвено месо или туна во сос од црн пипер.

Кога веќе ја спомнавме туната, мора да потенцираме дека ова вино во принцип не оди добро со риба или со зеленчук. Исклучок на ова правило е користењето на меснати риби кои не се премногу масни како што се туната, ајкулата и сабјарката. Кај зеленчуците, обидете се да го споите со оние видови кои имаат малку горчлива нота која добро ќе одговара на горчливоста на виното. Добар избор би биле модриот патлиџан, ротквиците, рокулата. Обидете се да додадете и темни, тешки сосови како на пример сос од печурки, сос на база на црвено вино, сос на база на путер или сос со црн или црвен пипер.

Во принцип, мастите и протеините се оние кои ја намалуваат перцепцијата на танините. Кога Cabernet Sauvignon се парира со парче кременадла или врат, било какво печење или пак со јадења кои имаат тешки сосови како оние кои ги спомнавме погоре, танините во виното се неутрализираат, дозволувајќи и на овошната нота да излезе на површина. За разлика од овие јадења, јаглехидратите кои се особено присутни во тестенините, компирот и оризот немаат скоро никаков ефект на танините, затоа ваквата храна не оди со ова вино. Горчливоста на танините во ова вино може исто така да се избалансира и со одредени начини на приготвување на храната, како печењето на скара на пример.

Идеалната температура за служење на Cabernet Sauvignon е 17,2 целзиусови степени.