Упорното кашлање честопати знае да предизвика вистински маки, и тоа како кај возразните, така и кај децата. Особено ако ваквото кашлање е упорно кај вашите малечки и трае повеќе недели, немојте да размислувате и веднаш посетете го вашиот педијатар, бидејќи е можно ваквата состојба да претставува почетен стадиум на бронхитис или запаление на уво.

Иако повеќето родители се обидуваат кашлањето да го излечат со сируп и со чаеви, лекарите предупредуваат дека ваквата здравствена состојба треба серизно да се сфати. Имено, исклучително е важно да се определат причините за кашлањето за да може да се примени вистинската терапија.

Кашлањето може да биде предизвикано од вирусна инфекција, бактериска инфекција или алергија, а во секој од овие три случаи терапијата е различна. Притоа, лекарите се единствените кои можат да ја постават вистинската дијагноза.

Иако не треба да користите лекови пред да се консултирате со лекар, сепак можете да пиете чаеви кои можете да им ги давате и на децата. Чаевите се особено корисни и поради тоа што го хидрираат организмот и допринесуваат за подобро искашлување. Камилицата и нането секогаш имаат смирувачко дејство, па се препорачуваат и во овој случај.

Имајте предвид дека растителните природни чаеви се поефикасни од оние кои се продаваат во вреќички. Две кафени лажички растителен чај, како на пример мајчина душичка или жалфија, треба да ги прелиете со шолја врела вода и да го оставите чајот да отстои околу 10-тина минути, а потоа да го процедите. Овој напиток можете да конзумирате и вие и вашите деца два до три пати во денот.