Без претерување можам да кажам дека кога одвреме-навреме ќе налетам на некоја добра кујнска алатка, животот комплетно ми се менува. Или барем кујната, односно готвењето. Односно ништо, ама оваа реченица добро ми доаѓа како оправдување зошто пак сум потрошила пари за нешто за кујна.

Оваа цедалка навистина ми спаѓа во групата на работи што тотално ми го смениле животот :). Можете вие да се смеете колку сакате, ама така е. Па како да не ми смени животот кога веќе не морам да валкам три различни сада кога треба нешто да исцедам, и не морам да ги бркам макароните, шпагетите, јаготките и останатите ситни нешта што ќе ми летнат во садоперата додека се обидувам да ги исцедам. Сега само културно си ја закачувам оваа цедалка со штипка на било кој сад или тенџере и просто кажано, таа си ја брка работата, а јас си се смешкам… Камо уште да можев секој ден да си наоѓам по една ваква алатка (оваа ја има овде), и само уште кујната да ми беше како оние американските со 30-50 квадрати, и уште да имав толку пари да можам вака да си ги трошам како што ќе ми текне, и…. пак ја забегав :). Но, уште еднаш ќе ви кажам – цедалкава е супер!