За колку време го трошите детерџентот во кујната? Само кај мене ли изгледа дека го пиеме за доручек? Шегата настрана, почнав навистина да се нервирам. Кога и да го свртам шишето ми се оттура повеќе детерџент отколку што ми треба, а сунѓерчето и онака го цедам после секое миење, па ми изгледа дека на секоја втора лажичка што ќе ја замијам ми одат по 15 мл детерџент (ова од око, не е дека сум мерела).

Да се разбереме уште од почеток, тука не станува збор за количината на потрошен детерџент во однос на неговата цена (фала богу уште е ефтин, инаку ќе банкротирав до сега едно сто пати), овде се работи просто и едноставно за принцип! Зошто па да ми се истура повеќе детерџент кога ми требаат само две капки за сите чинии од ручекот (или барем така велат по рекламиве)? Тоа ти е просто кажано – расипништво, а тоа во принцип не ми се допаѓа.

Да ја скратам приказнава малку, одамна пробувам да си го решам овој проблем. Некој ми кажа дека имало некакви капачиња за шишињата за детерџент, па кога ќе ги стиснеш веднаш го прават детерџентот пена и трошиш колку што треба (да не речам две капки), а не колку што ќе ти се оттури. Е арно ама, тие капачиња ги имало само во нашата соседна држава таму долу и јужно, а кај нас не можеле да се најат. Хммм, како и многу други работи нели? Како и да е, во меѓувреме налетав на оваа СУПЕР четка за миење садови која сама си испушта детерџент па човек не мора многу да му се секира. Во недостаток на друго решение (додека не пронајдат сунѓерче кое само си го дозира детерџентот), го оставам сунѓерчето и отсега мијам садови само со четка!