Медицинската употреба на какаото и чоколадото потекнува од Новиот Свет, а е пренесена во Европа кон средината на 16-от век. Прегледот на медицинските ракописи со европско потекло настанати во периодот меѓу 16-от и 20-от век, открива околу стотина различни примени на чоколадото и какаото во медицината. Меѓу нив се разликуваат три основни правци на индикации:

Терапија за потхранети пациенти

Терапија за стимулација на нервниот систем кај апатични, исцрпени и слаби пациенти и

Терапија за проблеми со системот за варење – се смета дека какаото ја стимулира работата на желудникот, бубрезите и цревата

Доста обемната листа на традиционални тераписки примени на какаото и чоколадото вклучува и анемија, недостаток на апетит, ментален умор, слаба продукција на мајчино млеко, треска, камења во бубрезите и ниско либидо. Чоколадната паста била медиум која во минатото се користела како носач за различни видови на лекови, а била идеална за маскирање на горчливите фармаколошки активни супстанци. Модерната наука се повеќе и повеќе се занимава со проучувањето на ефектите кои чоколадото ги има врз здравјето на човекот. Со оглед на тоа што голем број на објавени истражувања зборуваат за позитивниот ефект на чоколадото врз здравјето, чоколадото веќе не се смета за непожелна намирница. Но, ова не значи дека е дадено зелено светло за прекумерно уживање во чоколадото, па важно е да се запомни дека тоа треба умерено да се конзумира.

Темно чоколадо

За позитивното влијание кое чоколадото го има врз здравјето на човекот, можеме да им се заблагодариме на антиоксидантите кои во изобилство ги има во него. Што е чоколадото потемно, односно што е поголем процентот на какао во него, толку е поголема и содржината на антиоксиданти. Сепак, не е секое темно чоколадо исто. За да се зачуваат што е можно повеќе антиоксиданти во чоколадото, потребно е истото да се произведе со специјална метода на ниска температура. Со ваквата метода, во 20 г чоколадо можат да се најдат импресивни 660 мг флавоноиди, а само како споредба, една шолја зелен чај содржи околу 50 мг од овие антиоксиданти.

Добро е познато дека чоколадото го намалува дијастоличкиот и систоличкиот крвен притисок, ја подобрува функцијата на ендотелата во крвните жили и ја намалува резистентноста на инсулин. Какаото, кое е главна состојка на чоколадото, содржи флавоноиди кои ја спречуваат оксидацијата на ЛДЛ холестеролот, кој пак се поврзува со зголемениот ризик од мозочни удари и останати кардиоваскуларни пореметувања.

Позитивно влијание на срцето

Една неодамна објавена статија во списанието British Medical Journal укажува на позитивното делување на чоколадото врз срцето и крвните жили, што било евидентирано кај поголем број на испитаници. Научниците ги анализирале податоците од 7 студии во кои учествувале повеќе од 110 илјади луѓе со различна здравствена состојба.

Испитаниците во истражувањето конзумирале различна количина на чоколадо, а научниците ги испитувале ефектите предизвикани од внесот на најмала количина на чоколадо во споредба со внесот на најголемата количина. Биле добиени следните резултати:

  • Во 5 студии пронајдени се докази дека конзумирањето на значителни количини на чоколадо го намалува ризикот од појава на кардиоваскуларни заболувања.
  • Оние кои јаделе најмногу чоколадо имале 37% помал ризик за појава на кардиоваскуларни заболувања, и 29% помал ризик за појава на срцеви или мозочни удари.

Чоколадото и оптимизмот

Истражувањата покажале дека љубителите на чоколадо имаат поведар и попозитивен став кон животот, и дека многу поретко страдаат од депресија. Позитивното влијание кое чоколадото го има на расположението се должи на ефектот на чоколадото врз невротрансмитерите како серотонинот – популарниот хормон на доброто расположение. Исто така, било покажано дека секојдневната конзумација на 45 г темно чоколадо може значително да им помогне на лицата кои страдаат од хроничен умор.

Темното чоколадо може да биде од корист и при појава на пролив. Едно истражување извршено во Оукленд покажало дека флавоноидите кои ги има во какаото имаат способност да ги врзуваат протеините кои го регулираат лачењето на течности во тенкото црево. На овој начин, флавоноидите го спречуваат формирањето на меката, течна столица која е карактеристична за проливот. Инаку, употребата на какаото како помош при вакви ситуации е позната уште од 16-тиот век.

Особено е интересно и тоа што темното чоколадо може да делува и како супресор на апетитот. Теоброминот, теофилинот и кофеинот кои се биоактивните компоненти на какаото, имаат силен ефект врз намалувањето на апетитот, и тоа така што делуваат на нервниот систем и создаваат чувство на ситост.