Сојата до пред извесно време беше позната само во азиските кујни, и тоа најмногу поради фактот што нејзините ферментирани производи богати со протеини ја дополнуваа нивната исхрана базирана на ориз. Но, благодарејќи на релативно евтиното прозиводство и квалитетниот состав (растение најбогато со протеини), сојата се рашири низ целиот свет, а нејзините производи го пронајдоа својот пат до многу трепези во светот.

Од корисни до непожелни состојки

Покрај веќе споменатите протеини, сојата ги содржи и многу корисните омега-3 киселини, како и цела низа да други корисни растителни материи (т.н. фитонутриенти). Прогласувањето на сојата за вредна прехранбена намирница со антиканцерогени својства и елементи кои го намалуваат штетниот ЛДЛ холестерол во крвта најмногу се темели на одредени сегменти од бројни здравствени истражувања, но делумно и на пропагандата на силната индустрија за производство на соја.

Но, она што оваа пропаганда вообичаено пропушта да го спомене е фактот дека сојата и нејзините производи содржат и голем број на материи кои за човекот не само што се неповолни, туку се дури и опасни, па можат сериозно да го загрозат здравјето.

Најчесто сојата и нејзините производи ја конзумираат вегетаријанците (поради намалениот внес на протеини во нивната исхрана), но бројот на луѓето кои често ја користат не се ограничува само на нив. Во принцип, непожелните влијанија на сојата можат да се поделат во две главни групи:

  • неповолни состојки на семките од соја
  • неповолни состојки на производи направени од соја

Неповолни состојки на семките од соја

  1. Питична киселина (во форма на питати)
  2. Инхибитори на ензимите во процесот на варење
  3. Хемаглутинин
  4. Изофлавони
  5. Генетски модифицирани видови на соја
  6. Хербициди и пестициди применети во производството на сојата

Питичната киселина е токсична материја која во сојата се појавува во форма на питати. Присутна е во лушпата на сите семки и мешункасти зеленчуци, но не во толку големи количини како кај сојата. Оваа киселина ја спречува апсорпцијата на некои есенцијални минерали во организмот како што се калциумот, магнезиумот, бакарот, железото и цинкот. Недостатокот на овие минерали во организмот предизвикува бројни здравствени проблеми и развој на широк спектар на болести. Питатот кој се наоѓа во сојата е многу отпорен на техниките за редукција, како долгото и лесно варење, кое е вообичаено за другите мешункасти зеленчуци.

Семето на сојата содржи и силни инхибитори на некои ензими, како на пример трипсинот, кој е неопходен за варењето на протеините. Вообичаеното варење или приготвување на сојата не ги деактивира овие антинутриенти кои можат да предизвикаат сериозни желудочни проблеми, можат да го намалат разградувањето на протеините и да го доведат организмот до состојба на хроничен недостаток на аминокиселини.

Хемаглутининот е состојка во семките од соја која во крвта предизвикува создавање на материја која ги слепува црвените крвни зрнца, што оневозможува правилна апсорпција на кислорот и негово дистрибуирање меѓу ќелиите во организмот.

Сепак, најконтроверзни состојки на семките од соја се некои изофлавони како генистеинот и даидзеинот. Генистеинот е познат како инхибитор на тирозинот киназа, ензим важен во процесот на искористување на есенцијалните аминокиселини во мозокот,  и чие влијание е екстремно важно за правилното функционирање на тироидните хормони и многу други фунции во организмот. Влијанието на изофлавоните на намалување на функционалноста на тироидната жлезда предизвикува развој на хипотиреоза. Бидејќи функцијата на оваа жлезда е екстремно важна за развојот на мозокот на децата од најрана возраст, а особено во првите 12 недели од бременоста, преѓкумерното конзумирање на соја и производи од соја за време на бременоста може да предизвика штета во развојот на мозокот на детето и пореметувања на органите за репродукција.

Некои истражувања покажале дека кај децата, при конзумирање на само две чаши од млеко од соја на ден, доаѓа до значително зголемување на изофлавоните (фитоестрогените) во крвта (13000 до 22000 пати повеќе од природната концентрација на естроген на таа возраст). Иако делувањето на фитоестрагонот е околу 1000 пати послабо од делувањето на естрагонот, сепак таквите количини се екстремно високи. Истражувањата исто така покажуваат дека фитоестрогените кај возрасните луѓе предизвикуваат деменција. Докажано е дека мажите кои конзумираат тофу барем два пати неделно во текот на 30 години имаат неповратни оштетувања и намалување на волуменот на мозокот кое одговара на постара возраст.

Покрај тоа, веројатноста за појава на Алцхајмерова болест кај таквите луѓе е 2,5 пати поголема, исто како и веројатноста за појава на Паркинсонова болест и депресија. Бидејќи фитоестрогените можат да му конкурираат на природниот естроген, тие кај жените го инхибираат истиот, а кај мажите ја инхибираат ензимската активност на ароматазата која го претвора тестостеронот во естрадиол. На тој начин, фитоестрогените ја пореметуваат суптилната хормонска рамнотежа во човечкиот организмот и предизвикуваат бројни заболувања.