Вештачките бои можат да се најдат во многу производи, а некои извори тврдат дека нивната употреба во прехранмената индустрија пораснала за дури 500% во последните 50-тина години. Некои бои во текот на овој период беа забранети, но многу од нив и ден денес се употребуваат. Дали е добро да се јаде храна со вештачки бои само заради тоа што изгледа убаво?

Боење – што е важно?

Боите се додаваат во храната за да се надомести губитокот на природните бои кога храната ќе се изложи на светлина, воздух, високи температури, или влага. Адитивите можат да ја подобрат природната боја, или да и дадат на храната сосема други нијанси. Околу 2 милијарди свежи портокали во Флорида се мачкаат со вештачка боја за да се добие изедначена нијанса. Исто така, производителите често пати ги мачкаат виршлите и кобасиците со боја за полесно да ги привлечат купувачите.

Постојат голем број на произведувачи кои се држат цврсто за користењето на природните бои, но ова обично не важи за производителите од Америка. Така на пример, Фантата во Англија ја добива бојата од тиква и морков, додека во Америка се користи црвена 40 и жолта 6 боја. Сладоледот од јагоди во англискиот МекДоналдс е направен чисто од јагоди, додека во Америка ја добива бојата од црвена 40 боја.

Терминот “природен“ во принцип има широко значење. Кога се боите во прашање, тој се однесува на растенија, инсекти, камења, па дури и делови од почвата. Вештачките бои, од друга страна, се направени од синтетички хемикалии.

Дебатата сеуште трае

Во 2008 година, Центарот за наука во Вашингтон стартуваше петиција за забранување на вештачката боја во храната, поради врската која научниците ја откриле помеѓу вештачката боја и проблематичното однесување. Две години подоцна, Центарот објави истражување во кое се наведува дека 9 дозволени вештачки бои се всушност канцерогени, и можат да доведат до сериозни проблеми во однесувањето. Во истражувањето, покрај поврзаноста со ракот, е наведено и влијанието на вештачките бои врз разни пореметувања кај новороденчињата и алергиски реакции (сите овие се поврзани најмногу со боите: сина 1, црвена 40, жолта 5 и жолта 6).

Центарот за безбедност на храната и применет нутриционизам во 2011 година донесе заклучок дека доказите кои ги поврзуваат вештачките бои со различни здравствени проблеми се премногу неуверливи и недоволно испитани за истите да се забранат или барем да се појават налепници за предупредување. Значи, дебатата за штетност на вештачките бои сеуште трае, а додека не заврши со јасен заклучок, можеби не е лошо да стоиме понастрана од производите кои користат вештачки бои.

И ако оваа приказна ве растажи, запаметете дека сепак постојат произведувачи на храна кои се држат за природни бои за да ги украсат своите производи. Исто така, можете лесно да си направите свои природни бои ако ги користите вистинските прозиводи (спанаќ, куркума, цвекло, кромид, црвена зелка, хибискус итн.), а ова и не бара премногу труд. Доволно е малку вода, загревање и сечкање или гмечење на гореспоменатите производи за да добиете прекрасни природни нијанси.