Мојава кујна е магична. Нема друго логично објаснување за тоа како се прави од супер средена во супер хаос и тоа во рок од 2,5 до 3 минути. И тоа два пати за секој оброк! Сериозно ви кажувам! Ќе влезам да зготвам нешто, и уште не сум ни почнала со подготовки како што треба кога гледаш лушпи од кромиди, од компири, и од други чуда на една страна, исечканиот зеленчук на друга страна, еден сад со вода да не потемнат компирите, друг сад за рендан зеленчук, трет за месото, исечканиот зеленчук на даска, тегличка со сол и со вегета, а тенџериња, тавчиа, ножеви и лажици ич па да не спомнувам. Е сето тоа само додека се спрема ручекот. А после јадење, уште бетер!

Туку, додека ви се жалам за фрустрациите околу ова подготовкиве, да ви кажам дека скоро малку ми олесна на душичкава. Си ја најдов оваа даска за сечкање со фиокче одоздола, и да ви кажам – екстра е! Исечкај – бутни во фиокчето, па исечкај уште нешто, па ај и тоа бутни го. Не ми требаат веќе 286 различни садови. И некако хаосот во кујната ми се намали. Не ми исчезна комплетно де, ама и малку е многу за некои работи. Да знаете!