Имате ли и вие проблем со чувањето на разно-разни фолии, ќесички, ластичиња и останати стварчици што и тоа како се наоѓаат при пакување на храна? Јас дефинитивно имам. Обично ваквите реквизити си ги чувам во фиока, ама секогаш имам проблем со тоа што фолијата ми се растура (да не речам ми се гужва, што дополнително ме нервира), ластичињата ми се шуткаат насекаде, а за ќеси и ќесички со најразлични големини ич да не правиме муабет. Накратко кажано, кога ќе ја отворам фиоката каде што стојат ваквите работи или не можам да најдам тоа што ми треба или обавезно губам пар минути во безнадежен обид повторно да го средам хаосот.

А не можам да ви опишам колку е едноставно решението (па и ефтино). Оваа справичка си се закачува на ѕид, а има место за ќеси за замрзнување, пластична и алуминиумска фолија (со згоден принцип за кинење што е дополнителен плус), место за кујнска хартија и специјално делче за чување на ластичиња. Хммм, прекрасно! А да не спомнувам дека монтирањето на ваквото апаратче на ѕид значи и една плус слободна фиока што може да се наполни (и тоа инстант) со куп други глупости!

Ако имате барем едно парче слободен простор на кујнскиот ѕид, не одолговлечувајте. Можете справичкава да си ја купите тука, а чини само 35 долари! Ма џабе!