Проја со рукола, кашкавал и семки од тиква е нејзиниот проверен рецепт, кој најдобро го подготвува и со кој често знае да ги изненади најблиските. Бидејќи пројата ја пече во мали калапчиња, Елена ни се пофали дека изгледаат профи, приготвени како од најдобрата пекара.

Што се однесува до омилената национална кујна, таа вели дека ја обожава нашата традиционална кујна. „Ги обожавам сармите на мајка ми, тоа е прав деликатес на кој никако не можам да му одолеам. Исто така сакам и кинеска кујна, а најомилено јадење од таа кујна ми е крцкавото телешко со слатко лут сос и салата од спанак.Јас уживам во храната, па затоа јадам само она што навистина ми се допаѓа. Никогаш не седнувам на маса само колку да се најадам. Јадењето мора да ми биде вкусно и да уживам во него додека јадам.„

Најголем порок од кој никако не може да се одрекне се благите работи, особено чоколадите, а преферира и домашни тулумби и падобранци. Тоа можеби не е најдобро за нејзината линија, но како што вели самата тајната е во балансот. Не брои калории, но внимава да се храни здраво. Има моменти кога не може да се одбие вкусен деликатес, но затоа има и денови кога  јаде само салати, пие домашни цедени сокови и избегнува масна храна.

Елена е една од оние личности кои прилично внимаваат што и како купуваат. Редовно чита декларации на производи, а од супермаркет никогаш не заминува без сок од моркови, рукола, кашкавал и пармезан.

На прашањето дали повеќе преферира домашна атмосфера или ресторан ни одговори дипломатски .„Зависи од расположението и пригодата, некогаш ми е преубаво во ресторан, но некогаш обожавам во домашна атмосфера, особено кога сум во Прилеп, најсладок ми е ручекот дома со моите. Немам правила што да има на масата, битно е дека е подготвено со љубов„.

Од земјите каде ја вкусила најдобрата храна ќе ја памети Италија, каде ја пробала најдобро подготвената морска храна. „Бидејќи обожавам и пица и тестенини, веднаш без размислување би се преселил во оваа земја“.

Омилен пијалок-Вода
Омилена салата -Капрезе
Омилен десерт -Топло ладно
Омилен ресторан -Кинескиот ресторан Ѕвезден Океан

Омилено дневно мени:
Појадок– Смуди (сок од зеленчук и овошје)
Ручек-Телеско во слатко лут сос
Вечера-Пица