Место во домот кое по обичај е во тотален хаос. Тоа е така најверојатно поради фактот што не влегува никој освен домаќините, па си дозволуваме луксуз да не внимаваме премногу што и како изгледа и како е наредено. Тоа повеќе не мора да биде така. Еве неколку корисни совети кои ќе ви помогнат како полесно и поекономично да го организирате шпајзот.

Полици

Ако имате крш полици или импровизирате со некои стари делови од мебел, прво нешто што треба да направите е да фрлите се што е старо  и направите целосна реорганизација. Засукајте ракави, повикајте некој пријател кој е вешт со дрво и алат, направете фина скица и за малку пари ќе имате нови полици и надкасни кои се основа за добро организиран шпајз.

Групирајте

Групирајте според сродност. Ако во едниот агол на вашата остава стои белото брашно, во нејзина близина складирајте ги сите останати типови на брашна кои ги користите. Зимницата наредете ја во групи, во зависност дали станува збор за туршија или пак за компоти или џемови. Блендерот, ставете го покрај мелницата за кафе или соковникот…

Користите тегли и вакум садови

Овој совет ќе ви помогне не само вашите состојки подолго да траат, туку ќе ви помогне шпајзот да заличи на некоја фина мала аптека, каде се знае редот на која полица што стои. Секоја тегла која добро дихтува сочувајте ја и потоа искористете ја за складирање ориз, ореви, лешници или леќа.

Размислете што најчесто користите

Она што почесто го употребувате лоцирајте го да ви биде што е можно поблиску до рака. Ако омиленото тавче за печење го ставите на недостапно место, додека го земете сигурно ќе растурите се наоколу.

Стикери

Купете стикери, пенкало во рака и означете се што имате во шпајзот. Ова најмногу ќе ви користи ако имате еден куп кутии. Внимателно напишете што има во нив, за да не претурате наоколу. На теглите пишете датум или година од кога потекнува производот. Ова е прилично корисно ако сакате да се пофалите на најблиските дека имате квалитетно домашно вино од пред некоја година.