Тој е еден од најдобрите млади уметници, солист на Македонската Опера и Балет и човек кој важи за префинет естета. Иако во моментов ангажиран на многу професионални проекти, му откраднавме малку од слободното време да дознаеме нешто повеќе за неговите гурмански навики.

Да ја започнеме оваа гурманска приказна со прашање поврзана со твојата професија. Колку е важна исхраната за еден врвен оперски пејач. Дали тоа подразбира некаков посебен начин на исхрана?
Самата професија и секојдневните ангажмани поврзани со истата подразбираат виталност и енергичност во текот на целиот ден. Најмногу физичка сила и концентрација се потребни во доцните вечерни часови кога во принцип почнуваат претставите, затоа би рекол дека квалитетот на храната која се внесува во комбинација со секојдневни спортско физички активности е базичен пристап за секогаш свеж и флексибилен пеачки инструмент.

Важиш за човек кој особено внимава на својот изглед. Колку исхраната има важен дел од тоа? Дали често броиш калории или имаш некој посебен режим приспособен на твоите потреби?
Познато е дека пред скоро десетина години изгубив многу килограми, но никогаш не се откажав од вкусната храна, кога би броел калории веројатно би полудел :) Секојдневно вежбам, џогинг, фитнес, пливање… Тоа е единствен начин да можам да си дозволам да јадам што сакам. Посебно во фаза на подготовки на премиери и претстави моето гурманско уживање преоѓа во експанзија, па постојано готвам и јадам, така да единствено спортот ме одржува во фит форма.

Ѓорѓи ЦуцковскиКој е твојот личен специјалитет кој би сакал да го споделиш со читателите на Мигусто?
Знам да спремам буквално се, но најмногу ме интересира нашата Македонска национална кујна која често со задоволство им ја подготвувам на своите пријатели надвор од земјава. Македонската пита е деликатес на кој уште како дете не сум умеел да одолеам, по рецептура и начин на правење на мојата баба денес можам нескромно да се пофалам дека сум пита мајстор :) . Во принцип секој што ја пробал побарал второ парче, но сепак најголемиот дел го чувам за себе :)

Дали важиш за пребирлива личност кога станува збор за храната? Дали е долга листата на храна која не ја сакаш и ниту од куртоазија не би ја пробал?
Од куртоазија пробувам се, но само еднаш. Не сакам Азиска кујна со исклучок на суши, не сакам комбинации на кисело и слатко… Сепак европската кујна е храната што ме прави среќен.

Која земја особено ќе ја паметиш по храната која си имал прилика да ја пробаш и кој рецепт најмногу те воодушевил?
Воодушевен сум од Португалската и Француската кујна и сметам дека тоа ми е се уште недоволно истражени поднебја во смисол на локални специјалитети и начин на подготвување. Сега за сега сепак Италијанската и нашата Македонска кујна претставуваат моја најголема гурманска преокупација. Инаку сум имал можност во некои земји како Русија, Јапонија, Кина да пробам јадења кои во иднина не би сакал да ги помирисам ни од далеку:)

Имаш ли некој гастрономски порок на кој никако не можеш да му одолееш?
Полесно би одговорил на што можам да одолеам :)

Без што не заминуваш од супермеркет, односно што постојано мора да има во твојот фрижидер?Во мојот фрижидер се има краток рок на траење. Се подготвува и се јаде доста, но понекогаш кога треба да направам мал рецидив во исхраната од супер маркет не излегувам без овошни сокови.

Омилена пијалок? Кока кола, свежо цедени сокови, вино
Омилена салата? Шопска, рукола
Омилен десерт?Чоколадо
Омилен ресторан? Пелистер

Омилено дневно мени?

Појадок – неколку шолји кафе и свежо овошје
Ручек – обично имам доцен ручек- салата и месо
Вечера – вечерата во моето дневно мени се случува обично во забранетите часови за внесување храна. Чаша вино или кока кола, добро сирење, некое печиво и задолжително некаков чоколаден десерт- добра подлога за спиење и мотивација за утрински џогинг за согорување калории.