Да добиваше барем по една фунта за секоја изговорена пцост, неговото име и презиме сигурно ќе се најдеа на Форбсовата листа на најбогати луѓе во светот. Сепак, тој и без овој дополнителен приход тежи милиони долари и го ужива статусот на светска ѕвезда. Сопственик е на десетици ресторани низ светот, автор е на неколку кулинарски бестселери и домаќин на телевизиски шоуа со завиден рејтинг.

Гордон Џејмс Ремзи е неговото полно име. Лошото британско момче, кое благодарение на својот несомнен талент, исклучителна харизма и сурова уличарска безобразност стана еден од најпознатите готвачи и миленик на холивудските ѕвезди. Тринаесетте Мишелинови ѕвезди на неговите полици му даваат право да се пофали дека е еден од најнаградуваните готвачи. Многумина може само да фантазираат за успехот во којшто ужива овој човек, по потекло од Шкотска, кој сонувал еден ден да биде познат фудбалер. Кога би се запрашале во што се крие тајната на успехот, одговорот со сигурност не е во вкусот на неговата храна.

Рецептот е едноставен. Без влакна на јазикот, со тврдоглав стил, преку своите тв-шоуа Hell’s Kitchen, The F Word, Ramsay’s Best Restaurant и Ramsay’s Kitchen Nightmares, успеа да привлече огромна армија пасионирани гледачи кои од него направија тв-ѕвезда од планетарни размери. На дилемата дали е ѓубре и во приватниот живот како што се претставува во неговите шоуа, прашање кое често му го поставуваат, тој секогаш одговара во свој стил без лажна скромност.

Јас сум страстен тип, а тоа понекогаш се толкува погрешно. Кога нешто е добро сработено, секогаш ќе го пофалам. Кога е срање, тогаш го критикувам. Тоа е така секогаш, независно дали станува збор за приватниот живот или за оној на телевизија. Секој лаик мора да знае дека притисокот во една професионална кујна е ебено преголем. Јас сум тој што внимава храната секогаш да е добро подготвена, да биде вкусна и да изгледа убаво.“

Овој негов порив често е причина да влегува во сериозен конфликт со учесниците во неговите емисии, кои најчесто покрај личната суета имаат проблем и со кулинарската вештина. Со оглед дека има црн појас по карате и е љубител на бокс, ретко кој досега се одважил да се пресмета со него, иако сите сме сведоци на ситуации кои биле пред момент на експлозија. За ова искуство вели дека нема проблем, ако некој сака физички да се обиде да го совлада надвор од кујната. Додека е во е неа, како што самиот изјавил многупати досега, тој е единствениот владетел кој не дозволува просечност.

Нетипичен во сѐ што го прави, Гордон Резми е одличен пример за тоа како треба да се срушат сите наметнати стереотипи за досадни дебели готвачи, кои освен готвење добра храна и ждерење немаат друга попаметна работа. Редовен учесник на Њујоршкиот маратон, љубител е на добри автомобили и луксуз.

Гордон Ремзи

Според него готвачот секогаш треба да даде соодветен пример како треба да изгледаат луѓето и при тоа да уживаат во неговата храна. „Сигурно не би сакале да јадете храна што ја приготвува готвач кој има 220 ебени кила“, ќе рече. Нему лично најмногу му се допаѓа кинеската пракса да се јаде четири-пет пати во денот во мали количини. Тоа е една од тајните на Ремзи, кој со своите 45 години изгледа како холивудска ѕвезда, подготвен на сите предизвици кои ги носи неговата работа.

За готвењето вели, дека станува збор за естатичко искуство кое потсетува на секс. Неговиот најдобар совет што им го дава на сите оние кои се подготвени да научат нешто ново, е секогаш храната да ја дегустираат со заврзани очи. Тоа создава чувство на интимност со храната. Се исклучуваат сите сетила, освен она најважното. Сетилото за вкус, кое одлучува дали нешто е подготвено како што треба. „Ако сакате да бидете добар готвач, морате да бидете себични. Јас сум најсебичниот човек на светот кога се во прашање добрите вкусови и мислам дека тоа ме прави ебено добар готвач.“

За наметнатиот стереотип дека готвачите се уживатели на кокаин поради големиот притисок, вели дека тоа е една од најголемите глупости кои им се прилепени на професионалните готвачи. „Како ќе се справите со притисокот во животот е индивидуална одлука. Јас лично никогаш не сум пробал кокаин. Не е фер да се генерализира и да се прилепуваат етикети на одредени професии дека луѓето се уживатели на опијати. Дали на готвачите им треба кокаин за да го издржат притисокот? Далеку од тоа. Не е ова рокенрол. Ова е ебено готвење!“

Искрен во секое интервју, без скрупули е подготвен да одговори на секое прашање и провокација. Во едно од тие интервјуа на обвинувањата дека гостите во неговите ресторани плаќаат премногу за оброк што тој не го подготвува, одговорил во негов манир. „Ги слушам истите срања последниве триесет години. Ако купите Aрмани одело, не се прашувате дали Џорџо лично ви го сошил. Дали Хуго Бос самиот ја направил таа маичка? Кога го купив своето ново ферари 458, не го прашав Енцо дали тој лично ми ги монтирал фелните со кои возам 300 километри на час. Одјебете веќе со ваквите прашања.“