Експертите велат дека готвењето на пареа е еден од најдобрите начини за подготовка на храна во светот.

Дали го користите и вие овој начин, или пак мислите дека зеленчукот готвен на пареа е блуткав и невкусен?

Кратка историја

Готвењето на пареа не е нов метод. Всушност, тој се користи веќе со илјадници години, а готвењето на пареа играло важна улога во животот на многу народи во светот. Оризот на пример, кој е главното јадење за многу народи од источните земји, е највкусен кога е приготвен токму на пареа.

Кинезите го користат овој метод на готвење веќе 3000 години. Дури имале и посебен сад направен од камен за готвење на пареа. Подоцна, Кинезите започнале да користат садови за говење на пареа направени од лисја, е денес користат садови од бамбус.

Во Индија и ден денес едно од традиционалните јадења кое се користи во ритуалот на нудење на храна се состои од кнедли готвени на пареа, полнети со кокос и кафеав шеќер.

Кус-кус е познато јадење кое се готви на пареа, а потекнува од Сфрика. Ова јадење е дури и опишано во дневникот на Ибн Батута, голем патник и писател кој живеел во 14-тиот век. Кус-кусот и денес е омилено јадење во Африка, а е познат и популарен скоро во целиот свет.

Предностите на готвењето на пареа

Готвењето на пареа е еден од најздравите методи за подготовка на храна во светот. Но, тоа не е се. Готвењето на пареа е посебен начин на готвење кој им овозможува на намирниците да го сочуваат својот оригинален изглед, боја, вкус и сок. Затоа, ако сакате да ги импресионирате вашите домашни и пријатели со вкусни, здрави и професионално подготвени оброци – изненадете ги со јадење зготвено на пареа.

Готвењето на пареа …

1. Ја чува структурата на намирниците

Многу видови на зеленчук брзо се варат и ја губат својата форма. Ако ги зготвите на пареа, ќе бидете сигурни дека зеленчукот нема да ви биде претворен во пире. Ова е резултат на фактот што готвењето на пареа не ја уништува структурата на ќелиите на зеленчукот и нивната оригинална арома.

2. Ги чува минералите и витамините

Кај готвењето на пареа, губитокот на минерали и витамини од зеленчукот е минимален. На пример, кога брокулата се вари на пареа, таа губи само 11% од флавоноидите кои ги има во нејзиниот состав. Кога истата се вари во вода, губитокот е 66%, а ако се вари во микробранова печка – загубата е неверојатни 97%!

Исто така, кога се готви на пареа, брокулата задржува 80% од витаминот Ц, додека ако се вари во вода, задржува само 30%.

Поради ова, ако сакате да јадете храна богата со природни минерали и витамини, јадете го зеленчукот сиров или приготвен на пареа.

3. Ги сочувува вкусот, бојата и сокот на намирниците.

Кога се готват на пареа, намирниците, а посебно зеленчукот, ги задржуваат своите оригинални сокови, вкус и боја.

4. Софистициран начин за додавање на вкус на храната.

Во водата која ја користите за готвење на пареа можете да додадете зачини, супа или вино. На овој начин, на намирниците кои ги приготвувате можете да им додавате неверојатни вкусови и ароми.

5. Заштеда на енергија

Готвењето на пареа овозможува приготвување на храната на неколку нивоа, што значи значителна заштеда на енергија.

6. Не е потребно додавање на масло

При готвењето на пареа не е потребно да се користи масло. Затоа, резултатот е здрав, лесен и вкусен оброк. Но, ако сакате, можете зеленчукот приготвен на пареа да го прелиете со неколку лажици маслиново масло пред да го послужите.

7. Може да се готви скоро се – од зеленчук до месо и тестенини

Кога се аборува за готвење на пареа, обично се мисли само на зеленчук. Но, готвењето на пареа воопшто не е ограничено, па така можете да ги приготвувате скоро сите намирници.

3 начини за готвење на пареа

1. Класично готвење на пареа.

Намирниците се ставаат во цедилка, мрежа или посебен сад над тенџере со врела вода. На овој начин може да се приготтвува овошје, зеленчук, тестенини и многу други намирници.

2. Готвење на пареа во сопствените сокови

Замотајте ја намирницата во хартија за печење, листови од бамбус (кинески начин) или листови од банана (индиски начин) и ставете ја над врела вода. Таа ќе се приготви на пареа и тоа во сопствениот сок. Оваа метода е одлична за реепти кои вклучуваат маринирање.

3. Готвење на житарици на пареа

Ова е традиционален источен начин на подготовка на ориз и други житарици на пареа. Оризот кратко пропржете го и залејте го со врела вода. Посолете, покријте го со капак и варете на ниска температура околу 10-15 минути, или се додека оризот не ја упие целата течност. Потоа изгасете го оганот, и оставете го оризот да отстои уште 15-тина минути. Важно е во текот на готвењето да не се дига капакот и да не се меша оризот.

Садови за готвење на пареа

Денес на пазарот можат да се најдат различни видови на садови за готвење на пареа. Но, тоа не значи дека ако немате вакви видови на специјализирани садови или апарати, не можете и самите да си зготвите на пареа. Едноставно, ставете исечкан зеленчук во поголема метална цедалка, поставете ја врз тенџерче во кое врие вода и поклопете со капак. Внимавајте само водата што вие да не ја допира долната страна од цедалката, таа не смее да дојде во контакт со зеленчукот.

Време за подготовка на пареа

Времето потребно за приготвување на пареа се разликува во зависност од тоа какви садови или апарати користите. Сепак, еве една листа која покажува колку време ви е потребно да сварите одредени видови на зеленчук (исечкан на коцки) со користење на обични тенџериња и сад-цедалка од инокс.

Брокула                 4-6 минути

Рендана зелка       5-8 минути

Грашок                  2-3 минути

Кељ                       12 минути

Тиквичка                6-7 минути

Аспарагус              8-10 минути

Боранија                8-10 минути

Морков (на стапчиња)         5-7 минути

Карфиол                              6-10 минути

Домати (на коцки) 5-6 минути

Пиперки                2-4 минути

Зелен лиснат зеленчук        3-5 минути

Кромид (цела главица)        20-25 минути

Печурки                 4-5 минути

Модар патлиџан   2-3 минути

Компир (на коцки) 10-12 минути