Летото ни го носи сонцето и долгоочекуваната топлина. Меѓутоа, врелите летни денови можат непријатно да делуваат на нас и да не лишат од потребната енергија. За да се изборите со лошите ефекти на летото, оваа година наполнете си го фрижидерот со следните намирници кои можат добро да ве разладат.

Сирово овошје и зеленчук

Свежото овошје и зеленчук, освен што содржи драгоцени минерали и витамини, содржи и голем процент на вода, што може да ви помогне да ја избегнете дехидратацијата за време на горештините. Зелената салата, краставиците, доматите, тиквиците, грозјето, лубениците и дињите ќе ви помогнат да се освежите и да го наполните организмот со водата која ни е току потребна во овој период. Од зеленчукот можете да правите различни свежи салата, а овошјето, во форма на шарена овошна салата, е одличен ладен десерт.

Чај од хризантеми

Веќе со векови Кинезите пијат чај од хризантеми поради неговите разладувачки својства. Чајот од хризантема е освежувачки пијалок, особено ако го конзумирате ладен. Тој помага во намалувањето на телесната температура, делува освежувачки и се користи во лечењето на блага сончаница.

Лути пиперки

Можеби ќе ви звучи чудно, ама во текот на летните месеци се препорачува конзумирање на лута и зачинета храна. Голем број на народи од Африка, Индија и Азија го прават тоа веќе со векови. Навистина, лутата храна не тера да се потиме, ја подобрува циркулацијата и го поттикнува природниот систем за разладување на телото. Со други зборови, лутото ќе ве испоти, но и добро ќе ве разлади.

Смрзнат јогурт

Здрава алтернатива на сладоледот, смрзнатиот јогурт ќе ве разлади и освежи многу подобро од сладоледот. Јогуртот содржи многу помалку шеќери и е лесен за варење, па затоа е одлична летна намирница. Комбинирајте го со разладено овошје за да добиете дупла доза на освежување.

Ладни супи

Скоро секоја нација во светот има своја верзија на ладна летна супа. Ладните супи се совршен летен оброк бидејќи се лесни за варење, освежителни се и хидратизираат.

Најпознатата ваква супа во светот е гаспачото – шпанската супа од домати која се сервира ладна.

Печен компир или тестенина со зеленчук

Кога горештините се неподносливи, често ви доаѓа едноставно да го прескокнете  оброкот, но ова не е препорачливо. За да можете да и се спротивставите на летната исцрпеност, потребни ви се доволно јаглехидрати. Јадете помали оброци богати со јаглехидрати, значи компири или тестенина. Избегнувајте храна која содржи многу протеини или маснотии бидејќи е тешка за варење и може да ја подигне вашата телесна температура.

Нане

Нането има разладувачки својства и затоа е особено препорачливо за користење во текот на летните месеци. Нането можете да го додадете во било која салата, тестенина, супа, чај, лимонада.