Иако воопшто не е лесно да се храниме здраво во денешно време, особено имајќи го во предвид ритамот на животот кој го водиме, сепак би требало барем малку да се ангажираме и да се обидеме колку-толку да ја збогатиме нашата секојдневна исхрана со свежи и здрави состојки. Зачините некако природно ни доаѓаат последни на листата на здравите состојки, но не би требало да биде така. Помислете само на тоа дека сите користиме зачини и тоа скоро во секое јадење. Токму затоа издвоив неколку зачини кои се познати по своето влијание во здравата исхрана.

Цимет

Циметот е еден од најстарите и најароматичните зачини кој, благодарејќи на своите корисни својства, со векови наназад се користел и како лек. Во поново време, а врз основа на многубројни испитувања, на циметот му се припишуваат многу благотворни својства особено во борбата против артритисот, болки во желудникот, гастритис, вирусни и бактериски инфекции, дијабетес, кандида, лоша циркулација, слабокрвност, слабо памтење, менструални тегоби, зголемен холестерол и триглицериди, проблеми со црниот дроб и мочните канали. Циметот е исто така многу богат со антиоксиданси, за чие значење во организмот веќе пишувавме и тоа во неколку наврати.

Совет: Користете го во колачи и торти, но и испрскан врз шолја макијато или капучино, во шолја со млеко, како додаток на утрински појадок со мусли, а последно што пробав беше чаша јогурт посипан со малку цимет. Мора да признаам, беше необично, а сепак вкусно. Пробајте и вие!

Куркума

Овој познат и признат зачин на ајурведската медицина станува се популарен во западниот свет. Неколку истражувања изведени неодамна ја докажаа користа на куркумата за здравјето на срцето и за ѕидовите од крвните жили. По некои истражувања, куркумата го спречува и растот на малигните тумори.

Совет: Јас го користам во ориз, во разни сосови со мелено месо (сарми, полнети пиперки, мусака и сл.), при приготвување на бешамел сос, но практично можете да го додадете во секое јадење бидјќи нема интензивен вкус, туку само боја (жолта).

Мајчина душичка

Ова е билка која првенствено им помага на жените. Претставува јак антисептик за дишните и урогениталните органи. На организмот делува така што ги стимулира и психичките и физичките функции. Освен тоа, делува како моќно дезинфекциско средство, па спречува многу заразни болести и го зајакнува имунитетот.

Совет: Јас ја користам во скоро секое јадење.

Ѓумбир

Ѓумбирот го чисти организмот од токсини, ја враќа виталноста, и го отстранува чувството на умор. И овој зачин е особено важен за жените – ги ублажува симптомите на ПМС, помага кај полицистични јајници и има големо влијание на варењето на храната. Помага против желудочни мачнини, го забрзува варењето на храната, ја спречува појавата на чир во желудникот и сл.

Совет: Ако е во прав, можете да го користите како чај, како додаток во топли пијалоци (млеко, карамелизирано млеко – што е особено добро против настинка и при надразнување на грлото и сл.) Кога е свеж, можете да го додадете во било кое јадење (само користете по малку, бидејќи има многу интензивен вкус), а јас најмногу го сакам во комбинација со пилешко месо и павлака за готвење.