Македонските сирења и кашкавали произведени во млекарницата „Идеал Шипка“ стануваат дел од понудата на „Президент“ (Président) – една од најпознатите глобални трговски марки и експерт во категоријата сирења, која под своја закрила ги обединува најдобрите автентични сирења од сите делови на светот.

Со влегувањето во семејството на „Президент“, македонските сирења и кашкавали произведени во млекарницата „Идеал Шипка“ нема да изгубат од својата автентичност, квалитет и вкус, но ќе добијат меѓународна препознатливост што ги отвора патиштата за пласман на нашите сирења и кашкавали на европските пазари.

Овие сирења и кашкавали и понатаму ќе се произведуваат на истото место, според традиционалната македонска рецептура, од домашно млеко, со што ќе го задржат реномето и довербата  што ја имаат кај потрошувачите, кои отсега со новиот бренд „Президент“ добиваат дополнителна меѓународна гаранција за нивниот висок квалитет поради високите стандарди кои мора да бидат исполнети и почитувани во процесот на нивното производство.

„Кога едно македонско сирење го носи името на еден од најпознатите светски брендови, значи дека тоа го досигнало највисокиот степен на квалитет, автентичен и препознатлив вкус и висока доверба кај потрошувачите. Сите ние сме исклучително горди што сме првите кои успеале да го постават традиционалното македонско сирење во врвот на светот на сирењата“, изјави Љиљана Кузмановска, контрола на квалитет во „Идеал Шипка“.

Процесот на ребрендирање на кравјите, мешаните и овчите сирења и кашкавали на „Идеал Шипка“ ќе се одвива постепено, во три последователни фази, при што на крајот од процесот брендот „Президент“ целосно ќе ја замени досегашната ознака на пакувањата на производите.

„Президент“ е еден од водечките брендови на најголемата светска млечна индустрија „Лакталис“. Воспоставен во 1968 година, до денеска прерасна во водечки глобален бренд во категоријата сирења кој обединува над 200 оригинални производи кои се пласираат на над 140 пазари ширум светот.