Денес е интернационалниот ден на пицата. Затоа мислевме дека ќе биде интересно да дознаеме малку повеќе за овој специјалитет. Пицата настанала во Италија како храна на сиромашните. Селаните имале свое сопствено брашно, произведувале домати, сирења и кашкавали и други продукти, па од нив правеле различни видови на пица, во зависност од она што во моментот го имале дома. Тестото на времето било многу подебело од она што се користи денес, бидејќи основната цел на пицата била добро да ги најаде луѓето. Со текот на времето ова се сменило, па така настанале нови видови на пица. Сепак, и ден денес, пиците кои се прават во италијанските села не можат да се споредат со она што вообичаено е на понуда во градовите.

Приказната за тоа како настанала пицата Маргарита, на пример, е доста интересна. Италијанската кралица Маргарита, за време на нејзината посета на Неапол во 1879 година, посакала да го проба локалниот специјалитет – пицата. Во нејзина чест, пица-мајсторот и направил пица со боите на италијанското знаме: зелена боја – оригано, бела боја – моцарела, и црвена боја – домати.

Зошто пицата е “здрава храна“? 

Секоја храна е меч со две острици, а научниците предупредуваат дека здравата исхрана не зависи толку од намирниците кои се користат, туку од начинот на кој се подготвуваат, и нормално, од количината на храната што се јаде. Пицата може да биде масна и преполна со јаглехидрати. Но исто така, може да биде здрав оброк кој ги обединува неопходните намирници, витамини и минерали. Тестото направено од интегрално брашно е богато со антиоксиданти кои го штитат крвотокот. Сосот од домати изобилува со бета-каротен, ликопен и витамин Ц. Ако на пицата ставите и моцарела, ја добивате и потребната доза од калциум.

Научниците од Центарот за фармакологија во Милано дошле до заклучок дека, ако јадете една до две пици неделно, значително ќе го намалите ризикот од некои видови на рак. Проучувајќи 8000 редовни конзуматели на пица, тие заклучиле дека кај ризикот од рак на хранопроводот е намален за 59%, а ризикот од рак на дебелото црево е намален за 26%. Тие додале и дека им било познато дека сосот од домати што се користи на пиците има таков ефект, но фактот дека целата пица може да делува на тој начин е сосема ново откритие.

Подготвувањето на пица не може да биде поедноставно. Пригответе меко тесто само од брашно, вода, квасец и сол. Расукајте го тестото, премачкајте го со сос од домати (домашен, по можност), а потоа одозгора наредете го она што го сакате или што во моментот го имате во фрижидерот. Но,  секогаш имајте предвид дека користењето на здрави и свежи намирници ќе ви овозможи од овој оброк да извлечете што е можно повеќе хранливи состојки.

Како пицата станала “нездрава храна“?

Навистина е штета што повеќето луѓе јадат пица и веднаш помислуваат на нездрава храна полна со маснотии. Штета е и што многу луѓе не знаат дека во Италија постојат закони кои дефинираат каква треба да биде пицата, закони кои го контролираат типот на брашно што се користи, доматите, моцарелата, маслиновото масло и ориганото. Таквата пица е исклучително здрава и вкусна. Уличните бутки и пицерии во Америка, на пример, кои продавале нездрави пици се затворени и забранети. Меѓутоа, ова не им го решило проблемот на Американците бидејќи пицериите продолжиле да користат ефтини, масни и нездрави намирници како конзервирани домати, масни кобасици и смрзнати морски плодови, и покрај тоа што санитарните инспектори инсистирале на користење на свежи и здрави продукти.

Зошто пицата е лоша?

Пицата содржи големи количини на заситени маснотии, натриум и многу калории. Во просек, едно парче пица содржи околу 300 калории, па ако планирате да ја изедете целата пица, ќе внесете повеќе калории отколку што ви се потребни за целиот ден (околу 2000-2500). Оттука е јасно зошто толку брзо се дебелееме кога јадеме пица. Згора на тоа, заситените масти во неа предизвикуваат појава на холестерол што повлекува затнување на крвните жили.

И за крај, и тука важи основното правило како и за се друго: може да се јаде се, но треба да се внимава како, кога и колку. Треба да најдете златна средина, како што велат. Пицата го штити срцето, но тоа не значи дека треба да се јаде често, или цела. Пицата има зеленчук, но има и купче калории кои не потекнуваат од зеленчукот. Пицата е вкусна, но сепак постојат и други видови на храна кои се ем повкусни, ем поздрави. Човекот треба да ужива во ситниците, а ако претера во нив, тоа повеќе не е уживање. Имајте добар апетит!