Веројатно многумина од вас чуле за диетата според крвната група. Ваквата диета е особено популарна во последно време, иако не постојат значајни истражувања кои ги потврдуваат ефектите од неа. Со други зборови, оваа диета има исто толку противници колку што има поддржувачи, но, без да навлегуваме во тоа кој е во право, мислевме дека сепак ќе ви биде интересно да дознаете малку повеќе за оваа тема.

Имено, според Др. Џејмс Д Адамо, кој повеќе години ја проучува токму оваа диета, односно начин на исхрана, хемиските реакции кои настануваат во крвта после внесувањето на храната зависат од генетското наследство на организмот. Инаку, овие реакции настануваат поради протеините кои ги содржи храната и за кои се лепат крвните садови. Исхраната која е направена во согласност со крвната група овозможува природен циклус во организмот, а во неа се определени оние намирници и видови храна кои се подобни и штетни за сите крвни групи поединечно.

Нулта крвна група

Ова е најстарата крвна група, па луѓето кои спаѓаат во неа се природни месојади, односно најдобро реагираат на производи од животинско потекло. Овие луѓе треба да се чуваат од јаглехидрати бидејќи нив потешко ги варат. Значи, дозволени се сите видови на месо и риба, зеленчук и овошје, но треба да се внимава на житарки и грав. Ако припаѓате на оваа група и сакате да зигубите неколку килограми, треба во својата исхрана да вклучите морски плодови, црвено месо и зелен зеленчук како блитва, спанаќ и брокули. Во процесот на слабеење пак, можат да ви одмогнат гравот, сенфот, печурките, лебот и тестенините.

Крвна група А

Оваа крвна група слабо ја поднесува храната од животинско потекло бидејќи органите за варење кај овие луѓе се вообичаено многу чувствителни. На оваа крвна група најмногу и одговара храната богата со житарки, овошје и зеленчук. Дозволено е да се конзумираат производи базирани на соја, морски плодови, грав, житарки и овошје. Храната која помага во процесот на слабеење е во принцип било кое овошје и зеленчук, а особено ананас и зелен зеленчук.

Крвна група Б

Луѓето кои спаѓаат во оваа група се многу среќни бидејќи системот за варење им е особено прилагодлив, па затоа овие луѓе добро поднесуваат различни видови на храна, со исклучок на пченица, леќа и кикирики. Меѓу дозволените производи е месото, но не пилешко, млечни производи, житарки, грав, печурки, зеленчук и овошје. Ако припаѓате на оваа група и сакате да изгубите некој килограм, јадете јајца, зелена салата и пијте многу чаеви.

Крвна група АБ

Оваа крвна група добро реагира на месните производи, а меѓу дозволените намирниици се наоѓаат морските плодови, млечни производи, тофу, грав, печурки, житарки, зеленчук и овошје. Ако сакате да ослабите, треба да јадете млечни  производи и морски продукти, зелена салата и ананас, а треба да избегнувате црвено месо и пченица.