Античките Грци и Римјани се виновни за она што ние денес го нарекуваме “оброк“, бидејќи тие се оние кои додале свежи салати и десерти во менито кое претходно постоело само со цел да обезбеди доволно калории за преживување. Практично, ако се загледате и во денешните менија на некои народи кои биле надвор од дометот на Римјаните и Грците, ќе забележите дека десертите и свежите салати отсуствуваат. Да, точно е дека на крајот од оброкот во земјите од Азија на пример, добивате можеби портокал или некое друго овошје, но тоа е само заради фактот што тие знаат дека луѓето од Запад очекуваат нешто слатко на крајот, а не затоа што традицијата им налага така.

Постојат докази пронајдени во форма на ѕидни слики и цртежи кои се пронајдени во старите Египетски гробници и кои укажуваат на тоа дека зелената салата кај нив била одгледувана 4500 години п.х.е., иако првите пишани документи за зелената салата имаат Асирско потекло а датирааат од околу 800-та година п.н.е., кога зелената салата била идентификувана како едно 250-те растенија одгледувани во градините на кралот Меродах-Баладан од Вавилон. Според Херодот, зелената салата се појавила на кралската трпеза во Персија околу 550 година п.н.е., и била деликатес резервиран само за кралското семејство. Сите овие локации укажуваат на местото на потекло на зелената салата, кое најверојатно се наоѓале некаде во централна Мала Азија, Иран или Туркистан.

Римјаните ја засакале зелената салата на прв поглед, бидејќи многу брзо откако се појавила на нивните трпези околу 500 година п.н.е., била заведена како едно од трите најпопуларни зеленчуци во Империјата, заедно со зелката и артичоките. Римјаните биле првите кои заклучиле дека салатата ќе им се допаѓа повеќе ако има повеќе листови и ако тие се поблиску еден до друг, па така ја направиле првата главица зелена салата, онаква каква што и ние ја познаваме денес.

Меѓутоа, зелената салата била позната во Грција уште пред да дојде во Рим, а оттаму започнала да се шири нагоре на север, и тоа и во дива и во култивирана форма. Всушност, култивираната зелена салата (Lactuca sativa) е во блиско сродство со дивата (Lactuca scariola) и се смета дека потекнува токму од неа, иако тоа до ден денес не е научно потврдено. Околу 600 година п.н.е. зелената салата започнала да се одгледува и во Кина, од каде понатаму се раширила низ цела Азија.

Зелената салата толку се популаризирала на стариот континент, што се појавила на новиот веднаш по неговото откривање. Имено, забележано е дека зелената салатабила одгледувана на островот Изабела во Бахамите уште од 1494 година, што наведува на тоа дека кога пристигнал во Америка, Колумбо донел со себе и семе од зелената салата. Оттаму, салатата набрзо се проширила низ цела Америка и станала многу популарна. Томас Џеферсон, на пример, бил познат и по тоа што одгледувал 19 различни видови на зелена салата на својот имот во Монтичело.

Денес, зелената салата е најпопуларната салата во светот. Некои статистики покажуваат и дека е втора на листата зеленчуци сметано по конзумацијата, веднаш позади компирот. Латинското име на зелената салата (Lactuca) најверојатно потекнува од зборот лактоза, односно “млечно“. Ова се должи на фактот што зелената салата има сок кој доста наликува на млечен, и кој  делува (исто како млекото) како слаб седатив.