Во категоријата на чудотворни напитоци кои се неизбежен дел од модерните диети без сомнение се наоѓа и јаболковиот оцет. Иако одамна се користи во исхраната, а особено во регионите кои се познати по одгледувањето на јаболки, денес овој оцет најчесто се споменува во контекст на “здрава исхрана“, додека за зачинување на салати се попопуларен станува поотмениот оцет балсамико.

Оцетот е, инаку, кисела течност која се добива со оцетно варење на разредени алкохоли, а во исхраната се користи како зачин и конзерванс. Процесот на закиселување го прават корисните микроорганизми – квасците и бактериите кои шеќерите ги претвораат во оцетна киселина. Оцет, во прицип, може да се направи од било кое овошје, или намирница која содржи шеќери.

Со векови јаболковиот оцет бил користен не само во исхраната, туку и во медицината. На долгата листа на болести кај кои помага овој оцет се наоѓаат артритисот, остеопорозата, висок холестерол, низок крвен притисок, средство кое го регулира варењето на храната и влијае на телесната тежина.

Инаку, основата на модерното тврдење дека јаболковиот оцет влијае на намалувањето на телесната тежина ја има  поставено Др. Џарвис во својата книга “Народни лекови“ уште во далечната 1958 година. Во својата книга, Др. Џарвис тврди дека редовното користење на јаболковиот оцет делува на согорување на мастите, кои инаку би се складирале во организмот, водејќи така кон дебелеење.

За жал, иако и ден денес голем број на производители на јаболков оцет тврдат дека тој е многу здрав и позитивно влијае на многу болести, сепак лековитите својства на овој оцет не се научно потврдени. Хранливата вредност и содржината на минерали и витамини во 1-2 лажици јаболков оцет (колку што вообичаено се конзумира) се потполно занемарливи. Згора на тоа, содржината на влакна и аминокиселини во природен јаболков оцет е практично еднаква на нула.

Да бидеме реални, никакви апчиња, ниту пак посебни напитоци не можат да придонесат за губење на прекумерна телесна тежина, освен ако истовремено со нивното конзумирање не се проведува режим на диетална исхрана со задолжителни пропратни телесни активности. А ова во суштина, и не е некоја голема новост!