Вага во хороскоп, актер по професија, а гурман во душа. Можеби не изгледам така, но верувајте ми на зборот, вели Јелена. Таа е една од нашите најдобри и најактивни млади глумици која се почесто својот огромен талент го демонстрира надвор од границите на Македонија.  За филмовите, театарот и дружбата со Анџелина Џоли во некоја друга прилика, сега ќе зборуваме за нејзините гастрономски навики.

Јелена едноставно се труди да си го послуша организмот и да го направи тоа што тој го бара најчесто од неа. “Па како што секој ден е различен со различни обврски таква ми е и потребата за храна, иако признавам многу повеќе уживам кога ќе заседнам на едно место и нема да го прескокнам редот со македонска салата и жолта ракија како свечено отворање на софрата. Но постојат и денови како што ми се овие сега пред новата премиера на “Декамерон” кога јадам дури сум на сцена, дури патувам до театар на проба или сум на кратка пауза”

Што се однесува до стереотипите дека младите и успешни жени не се нешто посебно вешти во кујна, Јелена е доказ за спротивното. Благодарение на тоа што повеќе од десет години живее сама била приморана да научи да готви. “Ако не научев да готвам ќе бев гладна. Уживам кога ќе се занесам во кујна и никогаш не ме мрзи да направам нешто вкусно, посебно кога ќе готвам за моите пријатели – под услов сите да перат садови после тоа”.

Од супермаркет таа никогаш не излегува без чоколадо, но како што ни се довери не се замара премногу со броење калории. “Доста добро се контролирам кога е во прашање храна. Го почитувам правилото јади повеќе пати во денот, но во помали количини”.

Најоткаченото нешто што досега имала прилика да го проба е мувлосано сирење со мед и ореви. “Мислев дека одма ќе го избркам надвор од мојот желудник но скржаво го зачував и го изедов цело”.

Нејзиниот најголем кулинарски специјалитет кој ни вети дека ќе имаме прилика да го пробаме е подготовката на лосос и италијанска паста. Месо јаде ретко, но затоа телешки медаљони никогаш не вели не.

Јелена ЈовановаАко некој од момците би сакал да ја покани на романтична вечера еве еден Мигусто совет со што да ја изненадите.  Јелена не е нешто посебно пребирлива. Не јаде шкампи, на тоа внимавајте. Се останато повеќе или помалку проаѓа. Најважно е да одберете добро вино и сирење. Повеќе од ова не може да ви помогнеме. Сега знаете што сака, бидете креативни и храбри и со малку шарм и среќа може и ќе ви упали. 🙂

Обожава вино Дисан и Мускат, а најчесто можете да ја најдете во “Воденица” и “Дукат”.  Сака македонска салата и капрезе, а најдобар десерт за неа е “Гостиварска палачинка во Воденица”.

Дневно мени…

Доручек: Овошје со првото утринско нес кафе без млеко и шеќер
Ручек: Во последно време македонска летна манџа со парче добро сирење во Дукат и пекарски компир
Вечера: Крем супа од домат и лосос