Преку танцот до ѕвездите. Со една реченица е кажано се. Јована Василева, девојка која долги години професионално се бави со танцување, заедно со својот партнер, кајакарот Атанас ги освоија симпатиите на љубителите на танцувањето и токму поради тоа се качија на пиедесталот. Се уверивме во нејзините квалитети и танцувачки способности, но нас не интересираше нешто друго! Колку исхраната е важна за одржувањето на формата и потребното ниво на енергија да се издржат тешките тренинзи?

„Убаво си вели поговорката: „Рани душа, да те слуша“, што во мојот случај би значело дека немам некои сериозни ограничувања во однос на тоа колку и што јадам. Исхраната дефинитивно е важна за здрав живот и силен имунитет, па затоа се трудам колку што можам повеќе да јадам свежо овошје и зеленчук, но поради динамиката на обврските, особено во последниве неколку месеци додека траеше шоуто, неретко ми се случуваше да успеам да јадам прв пристоен оброк дури попладне, а утрото на работа да го поминам со по некое чоколатце и неколку шолји кафе – навика што си ветувам ќе ја сменам понатаму. Сепак, исхраната ми е еден од најважните приоритети, па следниов период ќе се обидам да си воведам малку построг режим” ни одговори Јована.

Таа ни откри дека не брои калории, пред се поради нејзините гени, а потоа и поради физичката активност кој секојдневно ја има благодарение на танцување. „Една работа типична за мене е што станувам многу раздразлива и нервозна кога сум гладна, па тоа што немам потреба од диети (барем засега) е среќна околност од повеќе аспекти“ на смеа додаде Јована.

За разлика од многу пребирливи личности кога станува збор за изборот на храна, таа за себе вели дека не е нешто посебно пребирлива, но сепак има одредени јадења кои не и се баш омилени. „За среќа, воопшто не сакам неколку супер-нездрави производи како мајонез и кока-кола, но затоа надоместувам со многу кечап, благо и грицки. Една добра навика ми е што обожавам домашно приготвена храна, а кај мене дома откако знам за себе се готви многу здраво, со свежи производи и се избегнува пржење, но за жал, откако живеам сама тоа ми е повеќе луксуз отколку секојдневие. На листата на јадења што не ми се баш по ќеиф е морската храна и особено разните традиционални специјалитети подготвени од внатрешни органи како дроб-сарма, … или пача, што не ги јадам ни под разно„.

Нејзиниот најголем гастрономски порок за сега е чоколадото, ни се довери. А и разните грицки и чипсови кои спред неа се неизбежни во менито на секој студент. Исто така не може без пица, тестенини, но нив не ги смета за некој страшен порок.

Од омилените јадења мора да ги спомне речиси сите видови на тестеини, разните салати со маслиново масло – постандардни и понеобични, различни видови на печурки, секакво благо (само да е без кокос), но дефинитивно најомилени и се традиционалните манџички подготвени од локални производи, компир-манџа, леќа, полнети пиперки, сарма, оривче со пилешко, гравче, мусака, се разбира сето ова без запршки и без многу зачини.

Во фрижидерот на Јована постојано мора да има свеж зеленчук и овошје, јаболка, банани, домати, моркови, Но мора да има и по некое чоколатце, како и јаткасти производи за грицкање.

Јована ни откри дека не е некој голем кувар, објаснува дека многу повеќе сака да дегустира отколку да подготвува. „Не знам да приготвувам храна, и не сметам дека тоа ми е некој недостаток. Освен тоа, секогаш наоколу се наоѓа некој што има мерак да готви, а јас како што веќе спомнав, сум добар дегустатор. Исто така мислам дека и крајно време е стереотипите, особено тој дека местото на жената е во кујна, да се променат, нели?

Што се однесува до изборот на храна за романтична вечера, таа вели дека најважна е љубовта, а ако неа ја има може да се помине и само со пуканки и пивце. Иако не би протестирала ни ако ја пречекаат со телешки медалјони во сос од печурки, салата од брокула и пченка, некое добро сортно вино, и за крај некој полесен десерт како чизкејк, сладолед или чоколаден мус.

Омилена пијалок? Вода и пиво
Oмилена салата? Шопска и брокула
Омилен десерт? Сладолед