Овошјето и зеленчукот претставуваат важен дел од балансираната исхрана. Тие се сиромашни со калории, но богати со витамини, минерали и фитохемикалии. Избирањето на свежо, локално одгледувано овошје и зеленчук е основно правило при купувањето на овие намирници кое на сите им е добро познато. Но, постојат и некои други трикови кои е добро да се знаат кога се подготвувате за шопинг во најблискиот маркет или пазарче. При изборот на овие намирници потребно е големо внимание и вклучување на сите сетила, бидејќи треба да им посветите внимание на бојата, тежината, цврстината и мирисот на продуктите кои ги купувате.

Бистра боја и значителна тежина

Откако ќе го елиминирате овошјето и зеленчукот со забележителни оштетувања на површината, изберете ги оние плодови кои имаат жива и бистра боја. Ако плодот е без сјај и “живост“, значи дека не е доволно созреан или дека не бил доволно изложен на сонце.

Во општ случај, треба да се бираат оние плодови кои се најтешки, бидејќи тоа укажува на сочноста и свежината на плодот. Најдобар начин да се одреди дали плодовите се доволно тешки е да земете еден во едната, и друг во другата рака, па да ги споредите.

Цврсти плодови со силен мирис

Наjдоброто овошје и зеленчук е полно со сокови, што значи дека треба да се изберат оние плодови кои се цврсти и сочни. Секако, постојат и исклучоци за ова правило како смоквите на пример, но тие се ретки. Понекогаш е тешко да се одреди дали плодот е доволно цврст, па во такви случаи, споредете неколку пред да се одлучите. Кога бирате коренест зеленчук како брокула или морков, обидете се да го свиткате коренот или стеблото. Ако тоа ви успее без да го скршите плодот, тогаш сигурно не треба да го купите, бидејќи ткивото му е сунѓересто.

Мирисот на овошјето и зеленчукот исто така е значаен фактор кој може многу да ви каже при изборот. Плодовите кои не се зрели немаат мирис, или пак мирисаат на амбалажата во која биле спакувани. Од друга страна, зрелото овошје секогаш има полн и прекрасен мирис кој е карактеристичен за видот. Кога ги мирисатее плодовите, ставете го под носот оној дел од плодот каде бил скинат (каде што е рачката). Плодовите кои имаат најинтензивен мирис се одлични ако ги конзумирате веднаш, но ако планирате да ги чувате плодовите неколку дена, тогаш подобро е да изберете такви кои имаат умерено силен мирис.