Имате само 20 минути наутро да се подготвите за брзо излегување од дома, па затоа, и покрај многубројните одлуки дека од утре работите ќе се сменат, едноставно не стигате да појадувате? Не сте единствените.

Дури и врапчињата денес знаат дека појадокот е најважниот оброк во денот, но и покрај тоа, повеќето од нас се исклучително успешни во пронаоѓањето на изговори за прескокнување на појадокот. Ако и вие сте едни од оние кои сакаат да се хранат поздраво и да бидат “фит“, а имаат проблем со уфрлувањето на појадокот на секојдневното мени, еве неколку совети кои ќе ви помогнат да си ја смените лошата навика за прескокнување на појадокот.

1. Станете порано

Будењето во последен момент за да фатите уште неколку минути сон нема да ве направи поодморни, а ќе ви го зголеми утринскиот стрес бидејќи, најверојатно, ќе мора да побрзате со подготовките. Во такви ситуации многу малку луѓе помислуваат на појадок. Но, земете предвид дека само 15 минути се повеќе од доволно за да си направите свеж, здрав и вкусен оброк и да го изедете без стресови.

2. Планирајте ги оброците однапред

Планирањето на оброците во општ случај е добра идеја, и тоа не само за појадок, бидејќи со планирање си обезбедувате разноврсна и здрава прехрана. Поголемото мнозинство од луѓето кои немаат проблеми со килограмите редовно внимаваат на тоа што и колку јадат, а тоа го постигнуваат, меѓу другото, и со добро планирање.

3. Бидете избирливи

Ако сакате да бидете здрави и добро да изгледате, морате исклучително многу да внимавате при изборот на храната, бидејќи кога е таа во прашање, постои многу малку простор за компромиси. Наместо да купувате готови или полуготови производи, инсистирајте на што повеќе свежо овошје и зеленчук, на ориз и интегрални тестенини. Заборавете ги сосовите и  другите готови производи преполни со конзерванси. Овесните снегулки се исто така одличен избор за првиот оброк во денот, но со додавање на дополнителни шеќери дури и тие се претвораат во вистинска катастрофа – само ќе ви предизвикаат неиздржлива потреба за нешто слатко веќе по час или два.

4. Појадувајте после утринските вежби

Многу луѓе имаат проблеми со утринскиот апетит и тврдат дека толку рано наутро едноставно не се доволно гладни. Ако сте сериозни во намерата да живеете и да се храните поздраво, размислете за тоа да пред појадокот направите неколку лесни и едноставни вежби кои ќе го поттикнат вашиот метаболизам. На тој начин ќе бидете во супер форма, а појадокот нема да биде нешто што ќе го јадете на сила, туку оброк кој на вашето тело ќе му го надокнади она што се изгубило во текот на вежбањето.

5. Јадете невообичаена храна за појадок

Ако ви е веќе здодевно да ги јадете постојано истите работи за појадок, едноставно сменете го утринското мени. Нема никаков проблем тоа да се направи, бидејќи вашето тело наутро е подготвено и за јадења кои традиционално се јадат подоцна во денот. На пример, сматете во блендер некоја комбинација од свежо овошје со јогурт или млеко, ставете парче туна врз парче интегрално лепче, измешајте неколку лажички мелени бадеми, ореви, лешници со шолја кисело млеко или јогурт… Сите овие предлози се одлични, здрави и вкусни замени за класичниот појадок.