Спречувањето на анемијата или слабокрвноста придонесува за подобрување на општата здравствена состојба, за подобра физичка кондиција и за подобрување на способноста за учење. Правилната исхрана е еден од главните фактори во спечувањето на појавата на анемија.

Иако наизглед е вискозна течност, крвта се состои од различни крвни ќелии и крвна плазма во која се наоѓаат растопени хранливи материи и електролити. Крвта чини 8% од телесната маса на човекот и е незаменлив дел од организмот бидејќи го пренесува кислородот и хранливите материи до сите ткива, а истовремено ги отстранува продуктите на метаболизмот. Делот од крвта што служи за пренесување на кислородот е хемоглобинот кој се наоѓа во црвените крвни зрнца – еритроцитите.

Слабокрвноста или анемијата е состојба која настанува кога во крвта нема доволно хемоглобин и/или еритроцити, што резултира во слабо снабдување на ткивата со кислород. За создавањето на хемоглобин, неопходна е доволна количина на железо. Слабокрвноста предизвикана од недостаток на железо е најчестата форма на анемија која вообичаено се јавува кај деца и бремени жени.

Главните причини за појава на сидеропенична анемија се: недостаток на железо во храната, зголемените потреби на организмот во текот на растењето, бременоста и доењето, пореметување на апсорпцијата на железото во организмот и долготрајни крварења. Симптоми на анемијата се брзо заморување при напор, гушење, забрзано чукање на срцето, замаглување на погледот, чести главоболки, раздразливост, бледило на кожата.

Правилната исхрана е еден од најзначајните фактори во борбата против анемијата. Затоа треба да се јаде разновидна храна, во која секако треба да има намирници богати со железо, како и намирници кои ја олеснуваат апсорпцијата на железото во организмот.

Ова посебно се однесува на месо, живина, риба, џигер, јајца, мешункасти зеленчуци, зелен лиснат зеленчук и свежо овошје. Важно е да се напомене дека железото од месото, живината и рибата се искористува 4-5 пати подобро во организмот отколку железото од другите намирници. Свежото овошје и зеленчук задолжително треба да се јадат заедно со месото, бидејќи витаминот Ц, кој изобилува во овие продукти, ја подобрува апсорпцијата на железото.

Исто така е важно да се знае дека кафето, чајот и другите напитоци кои содржат кофеин, теобромин или танин, треба да се пијат најмалку 1 до 2 часа пред или по завршувањето на оброкот, бидејќи овие супстанци ја отежнуваат апсорпцијата на железото.